Зошто е потребно вбризгување спротивни идеи во застојаните уверувања?

Што ако Земјата не е центар на сè? Што ако предците на луѓето некогаш изгледале како мајмуни, или биле едноклеточни организми? Што ако континентите се движат? Овие прашања во минатото не биле дискутирани во добро воспитаните кругови. Но тоа не им одземало од вистинитоста или од значењето. Истото важи и за некои од идеите од денешницата. 

Неодамна на сајтот пишувавме за цензурираниот професор по тропска биологија, Брет Вајнстин, кого пред неколку години го избркаа од факултет затоа што дошол на работа во денови кога не требало да доаѓаат белци. Сега тој и неговата сопруга, исто така еволутивен биолог, Хедер Хеинг, се на праг да станат жртви на движењето за цензура на интернет, овој пат поради два од три дозволени „фаула“ на Јутјуб, кои имаат врска со нивните ставови за лекот ивермектин, и за тоа дека е можно вирусот на Ковид-19 да е излезен од лабораторија.

Брачниот пар, како дел од интелектуалците кои поради овие причини почнаа да се кријат по мрачните ќошиња на интернет за да не ги стигне долгата рака на цензурата, имаат свој подкаст Дарк хорс, со поднаслов „Шоу за љубопитни умови и слободни мислители“.

Хедер Хеинг во мај оваа година објави и статија во која поставува едно навидум обично прашање - што ако доминантните ставови во врска со што и да е, кои се промовираат како единствено исправни од мејнстримот, се всушност погрешни? Кои се историските примери кога поставувањето на вакви прашања довело до прогрес на човештвото какво што денес (не) го препознаваме?

Објавуваме извадоци од тој текст.

***

Што ако Земјата не е центар на сè? Што ако предците на луѓето некогаш изгледале како мајмуни, или биле едноклеточни организми? Што ако континентите се движат?

Овие прашања во минатото не биле дискутирани во добро воспитаните кругови. Но тоа не им одземало од вистинитоста или од значењето.

Секоја идеја за која денес сметаме дека е вистина прво била во нечиј човечки ум, непозната за останатите. Пред тој момент, никој во нашиот вид ја немал таа мисла. Нашиот недостаток на знаење нè ограничувал. Па сепак, и пред некој човек да ја има таа мисла, таа била вистинита. Човекот кој ја добил само малку размислил за неа, ја обликувал и потоа ја споделил. Можеби првиот човек со кого ја споделил сметал дека тоа е супер идеја. Поверојатно е да сметал дека овој првиот е во грешка, дури и дека е луд. За кратко време можеби идејата била сметана за опасна, за таква која треба да се презре или да се осуди. И долго време потоа, таа идеја, која денес ја сметаме за фундаментална, била сметана за нешто што е вон опсегот на прифатливото. Таа била хетеродоксна.

Галилео би имал нешто да каже за тоа.

Ортодоксијата и хетеродоксијата - очигледни спротивности кои се натегаат над јаз кој изгледа како да не може да се премине - всушност се потпираат и се хранат една со друга. Ортодоксијата предизвикува доба на „стазис“, кога она што надоаѓа изгледа во голема мерка како нешто што се случило претходно, и кога она во што веруваме дека е вистина е фактичка вистина. Премногу ортодоксија, и стануваме мемливи и застојани. Хетеродоксијата вбризгува нови идеи во системот, и е неопходна секогаш кога светот се менува, а иднината има голема шанса да изгледа како минатото. Од друга страна, премногу хетеродоксија, и стануваме вознемирени и хаотични.

Без оглед на тоа што му е потребно на светот во секој даден момент, секогаш мора да постои дискусија. И ортодоксните и хетеродоксните идеи треба да бидат јавно анализирани. Ако не биде така, оној кој во моментот ја има најголемата моќ кога ќе започне цензурата - во моментот во кој луѓето почнуваат да ги кријат своите мисли и разговори - ќе добие уште повеќе моќ. Моќниот ќе ја обликува владеачката ортодоксија - и тоа секогаш ќе биде ортодоксија, дури и ако централните идеи до вчера биле хетеродоксни - и уште поснажно ќе притисне врз оние кои се разликуваат.

Секако, не сите примери на несогласување се неопходни, вредни или рационални. Гневните зборови, дејства и режими полни омраза се изродиле од таквиот отпор безброј пати низ историјата. Но самото постоење на несогласување е крајно неопходно. Примерите на лошо поставено несогласување често се вадат како докази дека самото несогласување е опасно, но ова е бедна логика и често заматува други мотиви.

Наивно е да веруваме - живеејќи внатре ограничувањата на моментот - дека би можеле да гледаме во иднината со толкава јасност, што оние кои одлучуваат кој говор е, а кој не е прифатлив, би биле во добра позиција да знаат што е вистина. Преголем број луѓе сепак се претвораат во судии, порота и извршители на одредени концепти и разговори, велејќи дека се единствени носители на вистината. Тие се дел од грандиозен нарцизам: се сметаат за способни, за прв пат во историјата, да видат сè. Тоа е исто како да се прогласиле за Бог.

Што ако САРС-Ков2 „избегал“ од лабораторија? Кои се долгорочните ефекти на mRNA вакцините? Што ако Ивермектинот е безбедна и ефикасна заштита против, и третман за, Ковид-19?

За разлика од прашањата со кои започна овој есеј, овие се уште не се разрешени. Но самото нивно поставување е сметано - повторно - како нешто што не се прави во учено друштво. Оние помеѓу нас кои ги поставуваа, во текот на 2020 и во добар дел од 2021, беа нарекувани теоретичари на заговор, или полошо, а нашите намери се ставани под знак прашање. Кажано ни е да молчиме. Некои се имаат самоцензурирано, други се ставени под чизмата на Биг Теч. Гугл, на пример, има официјална политика (од мај 2021) која го вклучува следното: „Јутјуб не дозволува содржини кои шират медицински дезинформации кои се во спротивност со медицинските информации за Ковид-19 на локалните здравствени власти или на СЗО“.

Оваа политика воопшто не разбира како функционира науката. Локалните власти и СЗО можат да згрешат, исто како и сите ние. Да се згреши не е злостор. Но замолчувањето на гласовите на оние кои ги ставаат под сомнеж вашите заклучоци - иако не е криминално - сепак е спротивно на науката.

...Потребна ни е слобода на изразување бидејќи она за што денес мислиме дека е вистинито, морално или правично може да се промени. Сите можеби грешиме. Во светлина на историјата, да се замисли нешто поинаку е врв на суета.

Науката најдобро функционира кога сите хипотези се на масата. Некои ќе бидат лесно отфрлени. Други ќе се покажат како лажни. Но она што ѝ е потребно на науката, над сето останато, е слободата да се дискутираат можностите. Без тоа нема да има нови откритија. Што се денешните еквиваленти на хелиоцентричниот модел на сончевиот систем, еволуцијата со природна селекција и тектониката на геолошките плочи? Никој не може да каже со сигурност. А оние кои се сметаат за сигурни за вакви прашања никогаш не треба да имаат контрола врз тоа кој може да зборува, или за она што тој некој го кажува кога го прави тоа.

Целиот текст тука

25 јуни 2021 - 15:26