11 дена во текот на летото 1893, Ганди јадел само сирова храна. Ова не бил негов прв, ниту пак последен прехранбен експеримент. Сепак токму овие денови се значајни затоа што тогаш водел и дневник во кој внимателно го регистрирал сето она што го јадел и што го чувствувал. Тоа е време кога бил тазе пристигнат во Јужна Африка, како 24-годишен адвокат од Индија, фрлен среде расно и класно сегрегирано општество. Веројатно шокот од овој нов свет и неговата нееднаквост го инспирирала младиот Ганди да се фокусира на она што можел да го контролира: својот начин на исхрана.
„Започнав експеримент со жива храна. Изедов две лажици пченица, една грашок, една ориз, две со суво грозје, околу 20 мали лешници, два портокала и шоља какао за појадок“. Пченицата, грашокот и оризот биле киснати во вода преку ноќ, но не и варени. На појадокот му посветувал 45 минути, но до вечерта сепак го фаќало депресија и блага главоболка. Следните денови имал уште понепријатни симптоми: „Гладен сум. Не спиев добро и се разбудив со лош вкус во устата“. Почнале и стомачни тегоби кои никако не престанувале. По истекот на единаесет ден се вратил на вообичаената исхрана: овес, леб, путер, мармалад и какао. Иако во моментот бил обесхрабрен, тоа не значи дека целосно ја напуштил идејата за корисноста на живата храна.
И за ова има повеќе причини. Прво, сировата храна го привлекувала заради едноставноста - тоа што можеш да си ја носиш каде и да сакаш, да не правиш бербат или да треба да миеш (или некој да ти ги мие) садовите. Второ, затоа што сировата храна е поздрава, бидејќи се зачувуваат витамините и другите хранливи состојки кои во текот на готвењето би можеле да исчезнат или барем драстично да се намалат. Но трето и можеби најважно, Ганди во незготвената храна гледал начин за прочистување на светот од неговите нечистотии. Неговото верување во општествената моќ на живата храна го прави опонент на голем број филозофи и научници кои сметаат дека обратно - токму готвењето го одделува човекот од другите животни, како антропологот Клод Леви-Строс кој ја користи опозицијата помеѓу сировото и зготвеното за правење разлика помеѓу природата и културата. Но Ганди бил еколошки свесен дека луѓето не треба и не можат да бидат одделени од природата, и дека наместо готвењето да се изедначува со цивилизација, токму живата храна може да го направи човештвото поцивилизирано.
Како? Со тоа што јадењето ваква храна штеди пари, но и време, и на тој начин содржи ослободувачки понтецијал - „вредност која не е само санитарна туку и економска, морална и духовна“, како што напишал во списанието Млада Индија во 1929. Ова особено би можело да важи за жените, кои веќе не би морале да бидат заробени во кујните, освен доколку сакаат креативно да се искажат низ готвењето и грижата за семејството.
За жал идејата на времето не му заживеала. А и да е меѓу нас денес, прашање е колку би бил воодушевен од новите трендови на јадење сирово, кои се врзуваат со побогатите кои можат да си дозволат големи количества свежо овошје и зеленчук. И денес во Индија сиромашните често немаат пристап до каква и да е храна, без оглед дали е таа жива или не. Диеталната утопија на Ганди оттаму е далеку од постигната, иако не и невалидна.
Од нова книга на Нико Слејт, „Потрагата на Ганди по совршениот начин на исхрана: јадење со светот на ум“