Во издаваштвото, луѓето кои работат зад сцените ретко ја добиваат заслужената пофалба (или критика). Но на 1 октомври 2024, барем еден пионер во својата област конечно ги дочека своите „пет минути“. На тој ден Пи-би-ес ја емитуваше првата епизода од документарната серија „Ренегејдс“, која фрла светлина врз помалку познати историски фигури со хендикеп. Во случајов станува збор за Џуди-Лин дел Реј, жена со џуџест раст.
Џуди-Лин е најпозната како основач на Дел Реј Букс, издавачка куќа специјализирана за научна фантастика и фантастика, која овие жанрови ги претворила во успешна „ниша“ во издаваштвото.
Во текот на својата кариера, дел Реј имала репутација на супер-ѕвезда помеѓу нејзините автори. Артур Кларк, на пример (ко-сценарист на 2001: Одисеја во вселената), ја има наречено „најбрилијантниот уредник што сум го сретнал“, а Филип К. Дик ја споредил со Максвел Перкинс, легендарниот уредник на Ернест Хемингвеј и Ф. Скот Фицџералд.
Всушност, таа почнала како асистент уреедник за најпознатото научно-фантастично списание од 1960-тите, „Галаксија“. Таму ги научила основите на издаваштвото и почнала да се искачува во уредничката хиерархија, за да стигне, преку издавачот Балантајн, до гигантот Рендом хаус (кој ја купил Балантајн). Таму ја зазела позицијата на постар уредник.
Нејзината цел била да развие силна листа на научно-фантастични романи кои ќе привлечат нова генерација млади читатели. Еден од раните успеси била серијата „Стар трек лог“ (Ѕвездени стази), низа од 10 романи базирани на епизоди од „Стар Трек: анимираните серии“.
Но најголемиот успех се случил со откупот на правата за прозна обработка на научно-фантастичен филм, за кој во тоа време малкумина во Холивуд верувале дека ќе успее - „Ѕвездени војни“. Овој ризик и тоа како се исплател. Следните години издавачката куќа живеела не само од книги, туку и од лукративни производи како календари, нотеси па дури и интергалактички пасош „Ѕвездени војни“. Така дел Реј го добила прекарот „Мајка на Ѕвездените војни“.
Рендом хаус во тоа време била позната по големата слобода што ја давала на различните под-компании. Така Дел Реј можела да развие своја серија фантастика, благодарејќи на својот сопруг, Лестер дел Реј, кој го презел уредувањето на овој дел. Сепак Џуди-Лин го надгледувала печатењето и маркетингот. Најпозната од оваа серија книги денес е „Принцезата невеста“ - повеќето луѓе ја знаат како филм од 1987, но таа била издадена многу порано како роман од Вилијам Голдман. Кога излегла, во 1973, се продала во многу малку примероци. Но дел Реј била упорна и ја реиздала со многу поатрактивна корица и промотивна кампања, без која романот и филмот никогаш не би го доживеале својот успех.
Благодарејќи на сето ова, Дел Реј Букс доминирана во жанровското издаваштво, произведувајќи поголем број бестселери до 1990-тите отколку кој и да е друг ваков издавач заедно. Тие ѝ замерувале дека многу оди на комерцијална занемарувајќи го квалитетот. Но факт е дека Џуди-Лин била визионер во издаваштвото, кој ја промовирал спекулативната фикција многу вон тесните граници на жанровските обожаватели.