Целата работа започнала во време кога плагијаторството и фалсификувањето во научни статии било потешко да се фати. Елизабет Бик, со 15-годишна кариера како истражувач од областа на микробиологијата, ја пребарала базата Гугл Сколар и се соочила со текстови во која биле користени, без да бидат цитирани, нејзини сопствени резултати. Продолжила со барање на изворот на оваа конкретна измама, но по патот наишла и на докторска теза, во која не само што биле копирани нејзини наоди, туку и специфична слика. Таа била огледално свртена но имала дамка која ја правела лесно препознатлива.
Ја пријавила оваа теза на соодветниот универзитет и таа била повлечена. Но приказната била далеку од завршена. Бик сфатила дека си нашла ново, необично хоби, со оглед на тоа што покажала дарба за препознавање на шеми, како онаа во детските сликовници, само обратна - не „воочи ја разликата“, туку „воочи ја сличноста“.
Не поминало долго време, а таа собрала огромна збирка на текстови кои содржеле крадени илустрации и слики. Во 2016 заедно со друг автор објавила текст на оваа тема под наслов „Постоење на несоодветно копирање на слики во био-медицински публикации“ („несоодветно копирање“ како еуфемизам за крадење). Од рачно проверените 20.000 текстови од областа на био-медицината, 4% содржеле манипулирани слики. Таа ги пријавила овие 800 статии и продолжила да проверува, нешто што го прави и ден денес.
Некои од последиците биле огромни не само по конкретни автори, чии институции ги подложиле на ригорозна инспекција, туку и по цели проекти кои влечеле значајни суми пари. Сега Бик е активна и на Твитер, во обид резултатите од нејзините откритија да станат широко достапни а не да заглават во нечиј инбокс. Можеби не секој знае да ги протолкува сликите, но копирање си е копирање, иако постојат и случаи на бирање на дел од слика која му одговара на авторот (значи - кропирање) и нејзино претставување како да е тоа целиот наод.
Бик има докторат од Холандија, 15 години работела на Стенфорд, потоа во старт-ап компании, но сега таа и нејзиниот сопруг одлучиле да работат на лични проекти наместо во компании. Еден од нив за неа е и оваа „форензика на слики“ - нешто што може да направи разлика во полето во кое работи. Неjзе ѝ помагаат и други научници кои често сакаат да останат анонимни. Сепак, вели дека нејзината цел не е луѓето да бидат казнети, туку да биде корегирана науката.
Примери за нејзини наоди може да видите тука. А ако баш сте мотивирани, можете и да пријавите статија за која имате докази дека користи илустрација на овој начин. Не сакаме ни да помислиме колку такви би можеле да се најдат низ некои наши и балкански „меѓународни“ списанија, често со прилично лабави критериуми за тоа кој може да објавува во нив.