Поголемиот дел од својот живот, Џој Милне била сосема несвесна за својата неверојатна, иако по малку морничава супер моќ. Работите веројатно ќе останеле такви, да не се случило нешто со нејзиниот сопруг, Лес.
Двајцата се сретнале на забава во средно школо. Таа и денес се сеќава на убавиот мирис на неговото тело. Лес, освен што мирисал убаво, бил тивок, но со откачен смисол за хумор. По факултетот се зеле, добиле три сина, и живееле во слога со години. Тој станал доктор, а Џој медицинска сестра.
Но еден ден, на околу 10 години по свадбата, Лес дошол дома. И некако мирисал поинаку - како на квасец.
Најпрвин Џој помислила дека тоа е резултат на некој мирис во болницата каде што тој работел, и му рекла да се истушира. Но тоа не помогнало. Со недели и месеци, мирисот не сакал да замине. Дури и се засилувал.
Но не се менувал само мирисот на Лес, туку и неговиот табиет. Тој станувал понервозен, помалку толерантен. Голем број квалитети кои Џој ги ценела кај својот сопруг почнале да исчезнуваат. До почетокот на неговите 40-ти, тој веќе делувал како сосема друг човек.
Додека една вечер Џој не се разбудила додека Лес ја тепал и давел. Наводно имал кошмар. Но ова за неа ја прелеало чашата - го однела докторот на доктор.
Излегло дека Лес има Паркинсон. Во следните 20 години двајцата се обидувале да излезат на крај со прогресивната болест - губењето на способноста за движење, за работа, стеснувањето на нивниот свет. Потоа одлучиле да се придружат на група за поддршка на лица кои страдаат од Паркинсон.
Кога влегле во веќе полната просторија, Џој го препознала мирисот - истиот „масен“ мирис кој го имал Лес, кој го почувствувала кога тој имал само 31 година.
Дали е можно Паркинсон да има посебен мирис? Се обратиле кај нивен колега, кој најпрвин ја отфрлил можноста, но подоцна, кога слушнал за истражувања кои покажале дека кучиња можат да намирисаат рак, се сетил на Џој. Тој замолил група луѓе со Паркинсон и луѓе без оваа болест да носат бела маица преку ноќ и да му ја вратат. Им ставил случајни бројки на маиците и ги затворил во кутии. Потоа побарал од Џој да ги мириса и да ги „оцени“ - дали човекот што ја носел е во рана фаза, доцна фаза, нешто помеѓу? Или воопшто нема Паркинсон?
Од сите примероци, Џој направила само една „грешка“. Идентификувала човек кој спаѓал во групата „здрави“ како некој кој веќе има Паркинсон. Но излегло дека ова не било грешка - многу месеци подоцна тој бил дијагностициран.
Станало јасно дека носот на Џој е толку добар што може да дијагностицира и случаи кои се уште немаат јасни симптоми. Од тогаш таа работи со истражувачи низ целиот свет. Може да идентификува секакви болести, не само Паркинсон - туберклоза, Алцхајмер, рак, дијабет.
Ова на сопружниците им дало нова смисла на животот и ги направило поактивни. Последна желба на Лес пред да почине било Џој да продолжи со оваа своја активност за доброто на науката. Eдинствено ограничување кое и го имаат поставено истражувачите е да не им открива на луѓето дали се болни доколку тие самите не сакаат да го побараат тоа. Најтешко ѝ паѓа кога ќе намириса некоја болест на улица или во продавница, а не смее тоа да им го каже на луѓето, кои кој знае и дали би ѝ поверувале. Сега со пандемијата на КОВИД-19 можеби може да помириса и дали е некој заразен и да го спречи понатамошното ширење? Кој знае како мириса вирусот...
Интервју со неа (аудио, 7 мин., тука)