Првите 30 години од својот живот, Грејс смртно се плашела од змии - необично за некој кој подоцна ќе стане најпознатата нивна кротителка. Како дете и како тинејџерка добивала напади на паника ако ѝ мрднело нешто што приближно личело на влекач. Но во раните 1920-ти, додека работела како куратор во природонаучниот музеј во Минеаполис, една змија-отровница ѝ поминала по раката додека зборувала со посетител. Кога рептилот не ја каснал, таа помислила дека можеби сите змии можат да бидат скротени, и одлучила да дознае како.
Тоа е почетокот на кариерата на Вили која подоцна создала збирка од над 300 змии, отворила сопствена зоолошка и направила голем број херпетолошки откритија (херпетологија, гранка на зоологијата која се занимава со проучување на рептилите) - иако на крај работата со овие суштества ја коштало живот.
Вили на почетокот од својата природонаучна кариера не планирала да ги проучува рептилите, туку инсектите. Откако дипломирала ентомологија почнала да објавува стручни текстови во тогаш познати списанија од оваа област. Но по спомнатата случка во музејот, каде била одговорна токму за одделот за рептили, таа веќе целосно им се посветила на влекачите. За нивно припитомување користела „галечко“ стапче завиткано во меко платно, со која буквално ги мазела, за потоа да почне да ги фаќа и со раце, дури и најотровните видови. Истовремено им „гугала“ и им зборувала, за тие да развијат пријателски чувства а не страв кон неа. Во статија од 1937 под наслов „Кротење на кралските кобри“ објавено во списанието Natural History Magazine изјавила дека „змиите, по правило, најпрвин имаат доверба во вас, и немаат никаква намера да ве гризнат“.
Отприлика во тој период му пишала на Едвард Бин, директорот на зоолошката во Чикаго, нудејќи му ја приватната збирка со 115 видови змии и вкупно 330 примероци, доколку зоолошката изгради посебна куќа за рептилите, а таа стане кустос на збирката.
Ова и се случило, но многу бргу потоа започнале проблемите. И покрај наредбите од надредените, таа продолжила да работи со нив без заштита, но била и прилично лабава во врска со безбедноста на другите. Заради тоа што заборавала да ги затвори кафезите, 19 змии избегале од своите куќишта, од кои две крајно отрови (египетска кобра и австралиска бенди-бенди). Последново предизвикало празнење на улиците на Чикаго и општа паника.
Со оглед на тоа што зоолошката морала да исплаќа осигурувања за сите овие немили настани, Вили само две години откако била назначена добила отказ. Се преселила кај мајка и во Калифорнија и формирала своја рептилска зоолошка, во која змиите слободно се движеле. Дополнително заработувала од изнајмување на кобрите за холивудските продукции, како за филмовите за Таразан.
Во 1948 еден новинар ја посетил зоолошката за да ја слика колекцијата. Заради драмски ефект тој сакал да ја слика кобрата кога ја отвара „качулката“. Но ниту една од припитомените кобри не го правеле тоа, бидејќи генерално тоа е гест на агресија. Вили затоа одлучила да позира со нова индиска кобра од нејзината збирка. Во текот на снимањето оваа ја боцнала во средниот прст. Вили спокојно ја вратила змијата во кафезот додека чекала брза помош. Умрела 90 минути по каснувањето, на возраст од 65 години.
Нејзината ексцентричност е причина зошто таа не е доволно признаена во областа на науката. Ја сметале повеќе за забавувач отколку за сериозен научник. Сепак, нејзините детални белешки и опсервации за репродукцијата, психологијата и другите аспекти на животот на рептилите и денес им служат на нејзините колеги.