Во 1910 Ајда Холдгрев од Дејтон, Охајо, се јавила на локален оглас, кој се состоел од една единствена реченица - „Се бара шивачка за за едноставни задачи“. Но ова било далеку од вистина - на вработувачите, браќата Рајт, им била потребна шивачка со посебни способности. Наместо plain (едноставно) на браќата им било потребно plane (авионско) шиење, но овој термин тогаш бил непознат и оттаму оној што го составувал текстот во печатницата мислел дека е коректорска грешка. Сепак, тешко дека и Холдгрев, но и која и да е друга жена, би имала искуство со шиење авионски платна, па оттаму можеби и подобро што грешката останала, и отворила нова страница во историјата.
Ова се случувало седум години по првиот лет на Вилбур и Орвил, кој од нив направил славни личности. Сепак, требало да поминат две години за тие да направат машина способна да издржи малку подолг лет, кој можел да се контролира - Wright Flyer III. Во август 1908 Вилбур ги направил и првите јавни летови близу Ле Ман, Франција. Следната година ја обиколил и Статуата на слободата во Њујорк.
По ова браќата се зафатиле со доопремување на нивната фабрика, прва за производство на авиони. Токму во неа Холдгрев шиела површини за некои од првите летечки машини во светот, со што станала пионер на авијациската индустрија.
Во книгата на Тимоти Гафни, „Дејтонската летечка фабрика: браќата Рајт и раѓањето на авијацијата“, тој тврди дека Холдгрев била единствената жена во фабриката. Шесто од девет деца, таа била родена во 1881 во Охајо. Со години работела кај мајсторка-шивачка, за потоа, на 29 години, кога се уште не била мажена, да почне да работи во фабриката на Рајтови. Дејтон во тоа времебил град кој забрзано се развивал, но фабриката се наоѓала на неколку километри од него, опкружена со ниви со пченка.
Холдгрев секако морала да добие посебна обука за шиење на специјалните авионски делови, а ментор ѝ бил Дувал Ла Шапел, механичар од Франција. Таа додуша често морала не да шие туку да поправа, особено дупки по падовите на тест-леталата.
Кога дознале за неа, локалните весници ја интервјуирале, а во сочуваните изјави таа вели дека нејзините газди биле многу фини, со тоа што Орвил бил многу срамежлив, а пак Вилбур, кој бил во постојана битка за патентите на компанијата, изморен од постојаната работа и поради последици од тифусна треска, починал рано, на 45-годишна возраст. По ова „чичко Орв“ како што го викала Ајда, бил препуштен самиот на себе и „малку како изгубен“. Било потребно да се ангажира посебен менаџер на компанијата, а тоа бил тогаш тазе дипломираниот, прв во историјата, аеронаутички инженер, Гровер Лунинг.
Холдгрев останала во фабриката долго време, а се пензионирала на возраст од 71 година. На 88 конечно одлучила и самата да полета и да не дозволи да замине од овој свет без да го почувствува изумот на кој работела целиот живот. Носејќи дебело зимско палто, црни ракавици и наочари, таа се качила на авионот од типот Аеро командер и само со пилот во кабината свртила едно кругче над фабриката. „Не се слушаше баш добро таму горе“, изјавила подоцна. „Ама облаците беа прекрасни - како волна“.