Железничката несреќа после која Чарлс Дикенс не бил истиот човек

На 9 јуни 1865, славниот писател во шок успеал да исползи од превртен вагон на воз, кој откако излетал од шините висел од мост близу Стејплхрст во Кент, Англија. Под него можел да ги види другите вагони кои се струполиле во плитката река. 10 луѓе починале а уште 40 биле повредени. До крајот на животот тој не можел да ја заборави оваа сцена.

На тој јунски ден во 1865 Дикенс се враќал од краток одмор во Франција, патувајќи во трет вагон од првата класа во придружба на својата љубовница Елен Тернан и нејзината мајка. Во тоа време се вршеле градежни работи на неколку мостови над реката Волт - железните шини морале повремено да се вадат за да се заменат скапаните дрвени потпори под нив. Токму тој ден, 9 јуни, било планирано ова да се направи на мостот Стејплхрст. 

Како што возот се приближувал кон мостот, машиновозачот, искусниот Џорџ Кромби, добил сигнал од работник крај шините да застане. Тој веднаш притиснал на кочниците, но било предоцна. Забрзаната локомотива и првите три вагони успеале да го „прелетаат“ јазот со извадени шини од 12 метри, но следните веќе почнале да паѓаат во процепот. Третиот вагон, во кој бил Дикенс, влечен назад од следниот, според негово сведоштво, „висел во воздух превртен на страна на скршениот мост“, а кога врската помеѓу него и четвртиот вагон се прекинала, останатите паднале во реката.

Падот не бил од многу високо, само три метри над калливата река, чиј водостој тоа лето било доста ниско. Сепак, некои од дрвените вагони биле притиснати од оние металните. Дикенс најпрвин се погрижил за Елен и нејзината мајка, кои поминале со мали повреди, а потоа излегувајќи од прозорецот на мостот помагал луѓето да се извлечат од вагонот. На крај влегол за да си го земе шишето со виски, се симнал до водата и си го наполнил шеширот со вода за да им ја понуди на повредените. Еден маж и една жена починале пред неговите очи. Сепак, некои од повредените биле спасени, како патник кој подоцна за весник изјавил дека „за само неколку минути би се задушил да не бил г-дин Дикенс“.

Откако нештата слегнале, писателот се сетил дека во сакото го имал оставено недовршениот ракопис за неговиот тогаш најнов роман, „Нашиот заеднички пријател“. Повторно се искачил до вагонот и враќајќи се ги сведочел последиците од нагмечувањата и хаосот. 

Целата катастрофа секако ќе била покриена од медиумите, но присуството на Дикенс само ја интензивирало приказната, особено поради фактот што тој патувал со љубовницата. Подоцна се утврдила и причината за несреќата - раководителот на градежните работи наместо да го види распроедот за петок, кога возот на локацијата требало да се појави во 3 попладне, тој го гледал саботниот, според кој пристигнувал во 5. Во тие два часа шините требало да бидат веќе поставени на своето место. Тој бил обвинет и осуден за немарност, на девет месеци затвор. Никогаш повеќе не работел во железницата. Погрешно, односно преблиску до извадената пруга, бил поставен и работникот за сигнализација, но тој не бил обвинет. 

Непосредно по несреќата, Дикенс изгледал прибрано и спокојно. Во следните пет години од животот, колку што му преостанале, продолжил да пишува и да присуствува на читања, вклучително и во САД. Но интимно никогаш не ја надминал траумата од несреќата. Неговите сопствени деца можеле да видат како добива паничен напад во воз дури и при најмал необичен звук. Според Мери „Мами“ Дикенс, ќерка на Чарлс, нервите на татко ѝ веќе никогаш не биле исти, нешто што модерните истражувачи би го нарекле „пост-трауматичен шок“.

извор

7 март 2023 - 15:41