Светската туристичка организација, која меѓу другото води статистика за посетеноста на различни дестинации, го сместува Бразил на 39-тото место во светот, зад многу помали земји по територија како Либан, Хрватска и Малезија. Но следната година, благодарејќи на светското фудбалско првенство, приходот од туризам во оваа земја се очекува да порасне за 55 проценти.
Како што наближува времето, генералното чувство помеѓу населението е дека целата работа ќе биде едно големо фијаско, вели колумнистката Ванеса Барбара во Њујорк Тајмс, и самата од Бразил. Веќе постои и посебен израз "Imagina na Copa..." (Замисли во текот на првенството), кој се изговара како мантра секогаш кога некој ќе здогледа километарска сообраќајна редица или кога е заглавен среде хаотичен аеродром - нешта што во Бразил често се случува.
Но ваков пред-првенствен песимизам е чест за организаторите на големите спортски настани: минатата година така се однесуваа и Британците во врска со Олимпијадата, која сепак излезе во ред. Јужноафриканците пак, по последното светско фудбалско првенство, го славеа фактот што „апокалипсата сепак не се случила", или како што извести дописникот на Гардијан од Африка, „никој не уре, никој не беше избоден до смрт, никој не беше киднапиран, и никој не сврти во погрешна уличка за да се најде меѓу бандите".
Бразил има сличен проблем со насилството, дрогата и организираниот криминал, а неодамна имаше и протести против одржувањето на првенството во услови на економска криза. Но во моментов Бразилците имаат и друга мака - непознавањето на англискиот од страна на локалците, што го отежнува приемот на потенцијалните туристи. Иако на секој агол има училиште по англиски, речиси исто колку фризерници и евангелистички цркви, индексот на писменост на англиски (според Education First English Proficincy Index) Бразил е на 46-тото место од 54 земји. Дури и некои официјални обиди за внесување на англиски преводи на јавни знаци се незграпни - пред шест месеци фудбалски стадион во северо-источен Бразил се отворил со тоа што на местата за излез било напишано Entrace (ем е влез, ем погрешно спелувано).
Дополнително, Бразилците сами си се зафркаваат со сопственото непознавање на јазикот но и со „западната" култура воопшто, па авенијата Сантос Думон (бразилски иноватор) популарно ја нарекле „Сантос Думон вистинскиот изумител на авиони или не-авенија на браќата Рајт".
Пред Олимпијадата во Пекинг во 2008 светот запозна нов јазик: кинанглиски. Една од неговите карактеристики беше и се уште е директноста, како во натписите: „Тоалет за деформирани мажи" или „Одбегнувај ганстери". Бразилскиот помешан со англиски пак е лежерен, и често се состои од буквално преведување збор по збор, што на крај дава сосема неразбирлив резултат. Пример: Man-hat-tan (за Менхетен) - човек со исончана шапка.
Вакви цепки примери има и во ресторанските менија - наместо Barbecue sauce (сос за скара), по бразилските ресторани понекогаш пишува Barbie Kill Sauce (сос за убивање Барби), а тие содржат уште куп други не само граматички туку и фактички грешки и апсурди, кои ни се добро познати и од македонските менија.
Јазикот се менува и во деловните кругови - ред португалски, ред англиски, за на крај да почне да се употребува и некој хибриден јазик, во кој „надвор" (outdoor) е билборд, а „фолдер" брошура.
Иако Кинезите кога е во прашање тревата се многу попоетични, па по парковите и зеленилата поставуваат знаци на кој на кинеско-англиски пишува „Малата трева има живот", авторката на текстот сугерира Бразилците со оглед на нивната неспремност среде фудбалскиот терен да стават натпис - „Не ја газете тревата".