Џејн Остин и бејзболот

Зборови за кои не знаевте дека ги измислиле писатели

Ако ви недостасува некој збор - измислете го. Од оваа максима се раководеле бројни писатели во историјата, и иако најчесто во овој контекст е спомнуван Шекспир, има и помалку славни автори кои нè задолжиле со термини кои ги употребуваме и во македонскиот.

Книгата на лексикографот Пол Диксон под наслов „Авторизми: зборови измислени од писатели“ (април 2014) е збир неологизми кои во англискиот биле воведени од познати и помалку познати автори како Чосер, Марк Твен, Курт Вонегат или Вилијам Гибсон. Тоа се нови зборови кои во некој момент влегле во говорниот јазик, а од таму и во стандардниот. Зборуваме за англискиот каде тој преод не е попречуван од суетни „чувари на јазикот". Еве некои од нив:

Банана република

Дефиниција за политички нестабилна, недемократска и обично тропска држава, чија економија зависи од извозот на еден единствен производ чии количества се ограничени, како овошје или минерали. Навредливиот термин е дело на О. Хенри (Вилијам Синди Портер) од неговата збирка кратки раскази од 1904 со наслов „Зелки и кралеви".

Битник

Автор на овој термин, кој се однесува на младинската култура на 1950-тите и раните 1960-ти, е колумнистот на Сан Франциско Кроникл, Херб Каен, кој го употребил во текст од 2. април 1958. Тој се надоврзал на изразот „бит генерација" на Керуак, кој под него ја подразбирал анти-конформистичката младина од Њујорк во тоа време, но изјавил дека зборот му се бендисал затоа што се римувал со рускиот „Спутник", кој бил актуелен во тоа време.

Квака 22 (сatch-22)

Работниот наслов на романот на Џозеф Хелер за апсурдноста на војната бил Кеч-18, референца на воено правило кое не им дозволува на пилотите во приказната да вршат една самоубиствена мисија по друга. Единствен начин да бидеш изземен од правење вакви мисии е да бидеш прогласен за луд, но самото барање да бидеш прескокнат заради лудило е доказ за твоето - нелудило.

Причината за промената на насловот било тоа што кратко време пред објавувањето на книгата во 1961 се појавил бестселерот на Леон Урис, Мила 18. За да се избегне нумеричка збунка, Хелер и неговиот уредник се одлучиле да го сменат 18 во 22. Тоа излегло многу подобра комбинација, бидејќи 22 е ритмички и симболички еквивалент на двојната дуплицираност на заебот. И децении по неговото книжевно раѓање, овој збор означува таков проблем чија природа истовремено го одрекува и го подрива неговото решение.

Сајберпростор

Ова веројатно го знаете, зборот е на Вилијам Гибсон од негов краток расказ од 1982, но станал популарен по објавувањето на неговиот „Неуромансер" две години подоцна. Тој го опишал сајбер (или кибер) просторот како „графичка репрезентација на податоци добиени од банките на сите компјутери во човечкиот систем".

Фриленс

Човек кој продава услуги на работодавачи без долгорочен обврзувачки договор помеѓу нив. Прв го забележал сер Валтер Скот во „Ајванхо". Фриленсерите („слободни стрелци") на Скот се платеници кои ја продаваат нивната лојалност и оружје за одреден надомест. „Му ги понудив на Ричард услугите на моите Фри Ленсери, но тој ги одби", гласи реченицата.

Бејзбол

Ова е најчудната приказна од сите: за овој спорт прв пат пишувала - Џејн Остин, и тоа 40 години пред официјално да биде измислен. Се работи за книгата „Нортхенгер Ејби" од 1797-8, во која машкопурестата Кетрин Морланд до 14 години повеќе „сакала крикет, бејзбол, јавање на коњ и трчање наоколу отколку читање книги". Ова историчарите на спортот во Британија го користат како доказ дека тој сепак се играл во таа земја во доцниот 18 век и дека од островот отпатувал за Америка. Заверата во игнорирањето на неговите викторијански корени наводно се должела на спортскиот тајкун Алберт Спалдинг, кој по секоја цена сакал да го прикаже бејзболот како дел од американско наследство. Според него тој бил измислен од некој генерал Абнер во Коперстаун во 1839.

20 ноември 2014 - 09:16