Во 2015 збор на годината на Оксфордскиот речник на англискиот јазик беше емотикон, „лице со солзи-радосници“ (за што подетално пишувавме тука). Три години подоцна, зборот којшто ја одбележува 2018 е многу пострашен. „Токсично“, според издавачот на Оксфордскиот речник, е термин кој го одразува расположението и преокупациите на изминатата година, и (за жал) има долгорочен потенцијал како израз со културолошко значење.
Пребарување на овој збор на сајтот на Оксфордскиот речник минатата година забележало раст од 45%. Во форма на придавка тој е најчесто придружен со зборот „хемикалија“, но на второ место е „машкост“. „Токсична машкост“ начесто е користен во контекст на движењето #MeToo, но и на алармантно високите стапки на самоубиства на средовечни мажи. Број шест на Оксфордската листа на токсични теми е „врска“.
Во финалето за збор на годината влегле и „инцел“ (incel) - маж во недоброволен целибат кој има непријателски ставови кон жени; „геслајтинг“ (gaslighting) - облик на психолошка манипулација која прави жртвата да се сомнева во сопствениот здрав разум; и „орбитирање“, кога човек престанува да комуницира но продолжува да „демне“ преку социјалните мрежи, на тој начин одржувајќи индиректно присуство во животот на „пријателот“ без никаква суштинска интеракција.