He came so far for beauty

Збогум, Леонард

„Жива си? Затоа што Леонард не е“, ми пишал Трендо на СМС, откако не сум му одговарала на Скајп. „Ни преминал шизиков, се насеќаше“. „А дека мислев дека Коен е мртов веќе од пред некој месец?“, го полнеле сандачето други, обидувајќи се да ме разбудат.

Човек со години живее со мислата дека кога ќе умре еден од неговите духовни светилници - поетски титан, гуру од човек - ќе биде подготвен достоинствено и пропорционално да му се оддолжи. Дека веста ќе стигне на пладне, кога веќе го испил кафето и е во состојба да состави кохерентна реченица, па на крилjата на тагата за уште еден загубен големец, прстите сами ќе му летаат по тастатурата. Дека се дрски оние што однапред подготвуваат некролози за сè уште живи луѓе, затоа што „не е убаво така“.

И не е Коен крив што додека светот веќе наголемо го оплакуваше, а мобилниот ми се полнеше со пораки, јас уште спиев. Убаво кажа човекот на последниот албум, кој излезе околу неговиот исто така последен, 82 роденден: „Подготвен сум, подготвен сум Боже“, рецитира на него со неговиот спокоен но одлучен глас, кој не остава простор за двоумење. „Мериен, дојде времето кога сме навистина стари и нашите тела се распаѓаат, и мислам дека ќе дојдам по тебе наскоро“, ѝ напиша тој на неговата муза пред само месец и пол.

Човекот си кажа, но не сакав да го слушнам. Мора да има некаков начин таков скапоцен човечки материјал да се заштити, зачува, да се обезбеди дека ќе биде бесмртен. Некоја декларација на УНЕСКО, некој закон за заштита на културно наследство, правилник, статут, куќен ред, во кој по список, со име и презиме, ќе бидат наведени оние претставници на човечкиот род за кои биолошките закони не мора да важат. Доаѓа смртта кај Коен, со сета своја грандиозност и страшност, тој ѝ вика: „Одбиј, мала!“, и таа заминува со подвиткан опаш, цвилејќи како кутре, надевајќи се на втора шанса.

Ама тој сигурно не би сакал така. Самиот, со изјава која почнува со „Јас, Леонард Коен, при здрава памет“ би се изземал од ваквата листа, затоа што би знаел дека без помислата на смртта не би имал за што да пишува - ни за девојката што пали цигара на плинска печка, ни за масакрираните војски и генералите на гилотина, ни за мирисот на нечија коса, илјадниците длабоки бакнежи, маглата на темнозелената ледина, бродовите во речните пристаништа, чајот и портокалите, снегот во Монтреал. Ништо од ова не би имало значење во свет (во) кој е бесмртен. Затоа Коен на крај мораше да умре. Затоа и сите ќе мораме да умреме, кој од оган, кој од вода - за сето тоа да има смисла.

Во говорот по повод специјалното Греми кое го доби во 2010, тој се заблагодари што е примен во „групата значајни“ кога е веќе близу линијата која многумина од неговата генерација веќе ја имаат минато. „Не мислев дека некогаш ќе добијам Греми, напротив, бев трогнат од скромноста на нивниот интерес кон мене“, изјави тогаш. Иако со став на еминенција кого не го допираат признанијата за земна слава, тој секогаш знаеше да им се заблагодари на оние на чии рамења е градена неговата „кула од песни“, во која е заробен од раѓање.

I was born like this, I had no choice
I was born with the gift of a golden voice
And twenty-seven angels from the Great Beyond
They tied me to this table right here
In the Tower of Song

I said to Hank Williams: how lonely does it get?
Hank Williams hasn't answered yet
But I hear him coughing all night long
A hundred floors above me
In the Tower of Song

Не беше потресен ни кога Дилан, наместо него, оваа година го доби Нобелот. „Тоа е како да му доделиш орден на Маунт Еверест затоа што е највисок“, изјави тогаш. На истата прес конференција по повод излегувањето на новиот албум, самиот си ги демантираше изјавите дека е подготвен да умре. „Понекогаш претерувам. Отсекогаш сакав да драматизирам. Имам намера да живеам засекогаш“.

Музиката, поезијата и прозата, но најмногу од сè неговото присуство, големо како планина, ќе се чувствува уште долго време. Ќе наслушнуваме кога нешто ќе крцне, ќе се помрдне или ќе зашепоти - гласови на оние заробени во Кулата, кои имаме привилегија да ги чуеме само ако сме многу внимателни, и доволно понизни.

There are some men
who should have mountains
to bear their names to time.

Grave markers are not high enough
or green,
and sons go far away
to lose the fist
their father’s hand will always seem.

I had a friend:
he lived and died in mighty silence
and with dignity,
left no book son or lover to mourn.

Nor is this a mourning-song
but only a naming of this mountain
on which I walk,
fragrant, dark and softly white
under the pale of mist.
I name this mountain after him.

Илина, Букбокс

11 ноември 2016 - 12:23