На неговиот 82 роденден

Последното писмо на Коен до неговата муза Мериен

Инспирацијата зад So Long, Marianne и Bird on a Wire, почина ова лето, на 81 година. Само неколку дена претходно, откако дознал дека е болна, Коен ѝ испратил писмо.

Во 1969, човекот кој денес полни 82 години и наскоро ќе издава нов албум (првиот сингл од него тука), го сними антологискиот „Песни од една соба“ (Songs from a Room). На задната корица од албумот, една русокоса лефтерно обвиткана во крпа, седи на работна маса на која има машина за куцање, и се смее.

Местото е островот Хидра во Грција, а девојката е Мериен Илен, на која ѝ е посветена спомнатата „Збогум Мериен“ на првиот албум на Коен од 1967 (иако тогаш биле далеку од „збогум“). Родена во 1935 во Осло, таа го запознала писателот кој подоцна ќе стане славен, Аксел Јенсен, и се омажила за него и покрај противењето на родителите. Во 1958, кога речиси никој немал чуено за местото, тие заминуваат за Хидра во Грција, обидувајќи се да живеат како рани хипици.

Мериен во еден момент мора да замине за Норвешка за да се породи, а кога се враќа на островот мажот ѝ веќе не е таму - во меѓувреме заминал со некоја американска сликарка. На островот има само една продавница, и Мериен доаѓа таму со бебето и постојано плаче. Во еден момент на вратата се појавува машка силуета и ѝ вели - „Знам што ти се случи. Излези на сонце и да се напиеме чаша вино“. Коен вo 1960 купил куќа на островот за 1500 долари од парите на неговата почината баба и таму го наоѓал својот мир за пишување. Како што пишува Кари Хест Амар во книгата „Збогум, Мериен: љубовна приказна“, првите години од вкупно десет од заедничкиот живот  на островот со Мериен биле крајно идилични: живееле сиромашно, ама пиеле и пееле по таверните, додека бејбиситерка се грижела за детето.

Но патеката на Коен почнала да се комплицира, па во раните седумдесети, заради неговите чести отсуства, Мериен одлучува да се врати во Норвешка. Таму се премажува и наоѓа работа во нафтената индустрија. Духовно се врти кон тибетанскиот будизам, а дури и да ѝ пречело што се уште ја препознаваат како девојката од песната на Коен, на тоа никогаш не се пожалила.

Во ова видео од 1972 Коен ја изведува во живо So Long, Marianne, по што не може да престане да плаче зад сцената, и ѝ се извинува на публиката која ја бара на бис.

Во јули оваа година Коен добил повик од близок пријател на Илен, Јан Кристијан Мoлестад, режисер на документарци, кој му кажал дека таа е болна од леукемија и дека деновите ѝ се избројани. За само неколку часа Коен одговорил со трогателно писмо, во кое сега вистински и стоички се простува од неа, но се подготвува и за сопственото заминување:

„Мериен, дојде времето кога сме навистина стари и нашите тела се распаѓаат, и мислам дека ќе дојдам по тебе наскоро. Знај дека сум многу блиску зад тебе, и дека ако ја испружиш раката можеш да ја допреш мојата. Знаеш дека секогаш те сакав, твојата убавина, твојата мудрост, но не морам да кажам ништо повеќе затоа што тоа веќе го знаеш. Сега само сакам да ти посакам добар пат. Збогум стара пријателке. Бескрајна љубов.“.

На местото каде Коен вели „ако ја испружиш раката..“, таа додека го слушала писмото навистина го сторила тоа. Два дена подоцна починала.

Your letters they all say that you're beside me now
Then why do I feel alone?
I'm standing on a ledge and your fine spider web
Is fastening my ankle to a stone

So long, Marianne...

 

21 септември 2016 - 08:31