„Ветеран“ (оригинален наслов: „Апостратос“, англиски: Defunct) зборува за млад човек кој поради економски причини е приморан („привремено“ како што постојано повторува) да се пресели во куќата на својот починат дедо Аристидис, во северо-источната атинска населба Папагос. Со куќи доделени на офицерите во грчката армија по Граѓанската војна, ова и денес се смета за конзервативно место за живеење, каде не може да се замисли присуство на „комунистички бандит“.
Но Аристидис го направил токму незамисливото - му овозможил на својот левичарски пријател Васос да се насели токму тука, за да можат да играат табла. Филмот е приказна за лично и идеолошко созревање на младиот Арис низ неговото соочување со минатото, но и на една цела генерација млади Грци, растени во текот на економската криза. За сето ова, и за другите негови дела, зборувавме со сценаристот и режисер на „Ветеран“, Захаријас Мавридис.
Речникот на англиски јазик го дефинира зборот defunct (како што гласи англискиот наслов на филмот) како „нешто што веќе не постои или не функционира“. Сепак, голем број имиња и концепти во вашиот филм, кои би требало да се исчезнати или работа на минатото, се прилично живи. Дали историскиот анимозитет помеѓу левицата и десницата е се уште толку силен како што е тоа прикажано во вашиот филм, или го имате пренагласено поради драмски ефект? Дали тој е поврзан со одреден социјален круг, населби или региони, или е релевантен за грчкото општество во целина?
Во Грција, дебатата за левицата и десницата беше прогресивно раздвојувана од нејзината историска позадина во текот на децениите на економски раст, од 1980-тите до економската криза. Кога кризата ја погоди земјата, се појави популарен наратив кои ги повикуваше Грците да им пружат отпор на странските натрапници. Мешањето на Меѓународниот монетарен фонд и ЕУ на чело со Германија во јавниот дискурс беше споредувано со окупацијата на Грција во текот на Втората светска војна. И бидејќи генерацијата патриоти од војната стана повторно релевантна, со тоа се актуелизираше и поделбата помеѓу левицата и десницата, која кулминираше со Грчката граѓанска војна по Втората светска. Ова заживување беше проследено со радикална промена во политичкиот спектар на Грција, што се случи во раните години на кризата. Филмот го регистрира токму овој историски момент, во 2012, а бидејќи се одвива во Папагу, една од најконзервативните населби во Грција, изгледа како тој да е нагласен.
„Овие стари ѕверови не умираат“, вели лик во филмот кога покажува на стар фрижидер. Сепак, и покрај „ѕверовите“ на минатото, кои стојат над главата на Арис (како мечот на неговиот дедо, кој му виси над креветот), има многу погорливи прашања кои го мачат и него и неговите пријатели. Економската криза, конзумеризмот, „слободниот пазар“ на врските. Дали сметате дека младите Грци се соочуваат со сосема различни проблеми од нивните предци, или станува збор за мешавина на наследени бремиња и нови предизвици? Колку Арис (кој изгледа аполитичен, по малку наивен и до почетокот на филмот не многу заинтересиран за семејното наследство) е типичен млад Атињанин?
Мојата генерација (роден сум 1980), која е исто така генерацијата на Арис, растеше во време кога идеолошките битки загубија голем дел од својата содржина. Верувам дека ова не е само грчки феномен. Во таа смисла Арис е типичен маж на својата генерација. Големата победа на западниот конзумеризам ја стави под знак прашање агендата на идеологиите. А во основата на овој конзумеризам лежи обожувањето на себството. Ние бевме воспитани за да бидеме екстремно егоистични, бидејќи идеалниот потрошувач се секира само за себе, за своите потреби и желби. Арис по пат станува помалку поврзан со својот имот, а повеќе со луѓето околу него. Ова е длабоко иако несвесно идеолошко созревање, и политичко произнесување кое сметам дека е екстремно релевантно за нашето време.
Заплетот на филмот има врска со многу сложена историска позадина на „фратрицид“, братоубиствена војна помеѓу грчките антифашистички групи во текот на Втората светска војна, која како што кажавте кулминираше во текот на Граѓанската војна. Но за не-грчка публика имињата на генералот Димитриос Псарос, Александрос Папагос, фактот дека затворениците од левицата биле носени од Лерин до Коринт (на тн. Ѓаволов остров, Гјарос) и други детали, веројатно се непознати. Сепак, во глобален контекст, десно-левата политичка дихотомија е речиси универзално сфатлива. Дали сметавте на ова кога го снимавте „Ветеран“ или филмот пред сè се обраќа на грчка публика?
Голем предизвик е да се напише сценарио кое би вклучило доволно количество историски податоци за публиката, особено имајќи ја предвид разликата помеѓу националната и меѓународната. Ова е исто така поврзано со националноста на филмот: меѓународната публика не е толку подготвена да се запознава со историја на земја која не е многу релевантна за сегашната динамика на светската моќ. Верувам дека она што го прави овој филм универзален е темата на идентитетот. Арис минува низ криза на идентитет како ерген кој го има загубено својот економски статус, а ова го соочува со отсутниот дедо, семејниот херој. Ваквиот конфликт е нешто со кој може да се идентификува секој. Генерацијата на Втората светска војна остави наследство на хероизам низ целиот свет.
Според семејството на Арис, неговиот дедо сакал „да исправи мината грешка“ кога му помогнал на својот пријател од левицата. Современото грчко општество сега изгледа преокупирано со новата десница, а неодамна се случи и пресудата за Златна зора – дали е ова повеќе превенција за идни радикални дејства, или исто така некој вид вина за оние, кои на сите страни биле правени во минатото?
Судењето до скоро не добиваше многу медиумско внимание. Сега, кога членовите на Златна зора се прогласени за виновни затоа што членувале во криминална организација, сите страни се обидуваат да добијат политички поени од резултатот. Што се однесува до грчкото општество, мислам дека е прерано за да се каже каква трага ќе остави патот на Златна зора од паразит, преку дел од Парламенот, и сега како организација чии членови се зад решетки. Сепак, се чувствувам екстремно горд што нашите судови изрекоа ваква пресуда. Подемот на екстремната десница е глобален проблем. А пресудата за Златна зора претставува огромна победа не само за грчката демократија, туку и меѓународно.
Една година пред „Ветеран“ направивте и документарец, „Преку нејзиното тело“ (Across Her Body), за традицијата во исчезнување на островот Теразија, каде група жени се собираат две недели пред Успение на Богородица да го подготват празникот, во црквата која го носи истото име. Ова за нив е можност за преиспитување и социјализација. Дали го знаевте островот и протагонистите претходно? Како го споредувате правењето документарец со игран филм?
Не ги познавав многу. Го посетував островот работејќи на друг проект, па моето пристигнување со камера не беше од небо. Процесот на правење на овој документарец беше многу поинтересен отколку кој и да е игран филм бидејќи, генерално, беше многу покреативно. Во играниот филм вие пишувате сценарио каде повеќе или помалку дефинирате што сакате да кажете, и зошто и како, а потоа доаѓа снимањето каде, барем според моето искуство, работата повеќе личи на менаџирање со криза отколку на креативен процес. Секогаш немате време или пари или двете, а морате да излезете на крај со екипата и глумците. Го снимив овој документарец со помош на мојата директорка на фотографија, Зое Манда. Бевме само ние двајца, и секој ден беше сосема непредвидлив. Таков беше и секој кадар, секој дијалог, секој инцидент. Навистина ми се допадна отвореноста на правење документарец. Постојано го ставате под прашање и повторно го откривате вашиот креативен поттик.
По професија сте архитект. Колку ова влијае на естетиката на вашите филмови?„Преку нејзиното тело“, на пример, еднакво го гради наративот и преку сториите на жените, но и преку визуелната репрезентација - минимална и ослободена од детали, токму како и самиот остров.
Моето архитектонско образование ми има изградено одредена чувствителност за наративниот потенцијал на локациите. Просторот во кој живееме е полн со знаци за тоа кои сме, што повеќето луѓе го сфаќаат само несвесно. Се обидувам да ја искористам оваа предност во моите нарации, и во играните и во документарните. Околината, куќата, собата, предметите, сите тие се елоквентни наративни елементи кои длабоко ги сакам.
Имате напишано и роман, „Девет преостанати животи“ (на грчки), за група мачки кои се напуштени на остров и нивниот обид да преживеат. Има и планови да се направи анимиран филм врз основа на книгата. Како оди ова, и дали изборот на анимација е поради тешкотијата да се снимаат вистински мачки, или уште еден експеримент со друг жанр?
Не мислам дека мачките се кооперативни како дел од филмска екипа! Така, од почетокот размислував за проектот како класична анимација. Ова е огромен и крајно амбициозен проект, со оглед на тоа што Грција има минимална анимациска продукција. Но навистина верувам дека приказната е универзална и тоа ми дава храброст да се обидам. Некој треба да им оддаде почест на мачките на грчките острови со нивна приказна, па тоа можам да бидам и јас!
Илина, Букбокс