Еден цел век луѓето од сите возрасти ја пеат песничката со само четири стиха за да ги одбележат родендените на своите блиски. Но малкумина ги знаат имињата на нејзините авторки - сестрите Милдред Џејн Хил, музичарка и Пети Смит Хил, пионерка во образованието на децата.
Гинисовата книга на рекорди ја опишува „Хепи брдеј“ како најчесто изведувана песна на англиски јазик. Приказната за неа почнува во 1893, кога сестрите објавиле песна под наслов „Добро утро на сите“. Нивната цел била да создадат мелодии кои ќе изразат чувства и зборови соодветни на ограничената музичка способност на малите деца.
Така, зборовите за таа песна која ја има истата мелодија како и денешната „Хепи брдеј“ биле: “Good morning to you / Good morning to you / Good morning, dear children / Good morning to all.”
Кога зборовите се смениле, тоа не е баш познато, но приказната вели дека сестрите биле на роденденска забава, па бидејќи и претходно ги имале менувано стиховите за различни пригоди, ја употребиле песната за да ѝ честитаат на славеничката.
Но нивното влијание врз американската историја и воопшто историјата на педагогијата е многу поголемо отколку овие неколку стихови. Пети била особено гласна за воведување на градинки, убедувајќи ги властите и јавноста дека на овој начин и жените, но и целата заедница би добила многу со тоа што децата би биле колективно згрижени во текот на денот.
Таа и нејзината сестра Милдред почнале да соработуваат на детски песни во 1889, собирајќи ги композициите во книга под наслов „Пеени приказни за градинки“. Истата година кога ја објавиле спомнатата мелодија (1893), тие ја претставиле својата педагошка работа на Светскиот саем во Чикаго.
Милдред била музички гениј и меѓународно позната пијанистка. Таа се инспирирала од уличните повици на црните трговци кои повикувале во „блуз скала“ - предвидела дека блузот и џезот ќе станат сеамерикански жанрови музика. Собирала примери на специфични улични извици и промовирала архивирање на традиционалното музичко творештво. Практично, самата „Хепи брдеј“ наликува на такви изедначени и повторливи повици.
Компликациите со авторските права врз мелодијата настанале кога помалата сестра на Милдред и Пети, Џесика, се обидела да ја регулира употребата, со тоа што дала право на Вордер Чепл Мјузик на нов аранжман. По децении судски спорови, во 2016 тим адвокатки помогнаа таа да биде јавна сопственост (за што претходно пишувавме тука).