
„Копа сено“, „Кипариси крај вода“, „Утро крај Сена“. Овие наслови асоцираат на само еден уметник - големиот Клод Моне, чиј стил е темелот на импресионизмот.
Но иако тој навистина ги сликал овие теми, делата всушност припаѓаат на неговата поќерка, а подоцна и снаа, Бланш Ошеде Моне (1865-1947). Таа научила да слика со тоа што постојано го придружувала Моне, а ги изложувала и продавала своите дела преку водечките париски дилери на тоа време. Нејзините слики сугерираат таков талент што не можеме а да не се запрашаме како до сега историјата на уметност ја има прескокнато.
Сега, нова изложба во музејот на Сидни и Лој Ашкенази во Индијана, САД, на едно место собира 40 нејзини слики, заедно со скици, фотографии и писма. Тие ја дефинираат нејзината улога како асистент на Моне и негов придружник на сликарските сеанси на отворено, но и како самостоен уметник.
Тешкотијата со нејзиното лоцирање во историјата е потпомогната од фактот дека многу мал дел од нејзините 300 слики се во јавни колекции. Во нејзината татковина, Франција, единствено Музејот близу селото Живерњи, каде семејството Моне живеело со години, има поголем број дел - осум слики и еден пастел. Институцијата минатата година го доби и името на Бланш, во знак на одбележување на 150 години од импресионизмот. Во меѓувреме, парискиот Орсеј (каде се смета дека се наоѓа најдобрата збирка на импресионистичка уметност) има само две, а ниту една во моментов не е изложена.
Бланш била ќерка на Еуген Ошеде, богат бизнисмен и познавач на авангардното сликарство. Мане, Реноар и секако Моне биле постојани гости во неговите домови во Париз. Таа имала 11 години кога прв пат го запознала Клод во 1876. Тогаш 35-годишниот сликар добил нарачка од татко и да наслика квартет панели за трпезарија во нивната вила надвор од Париз. Ошеде бил важен ран спонзор на Моне, всушност токму тој ја купил „Импресија, изгрејсонце“ (1872), којашто го дала името на целиот правец.
Моне поминал шест месеци на имотот, што довело до сјајна збирка слики кои за жал не останале долго во сопственост на семејството, бидејќи поради пропаст на бизнисот таткото морал да ја продаде колекцијата заедно со својот имот.
Моне го зел Ошеде, неговата сопруга Алис и неговите шест деца да живеат со него, со жена му Камил и неговите двајца синови Жан (11) и тогаш се уште неродениот Мишел. Камил за жал починала по раѓањето на второт дете, по што Алис и Моне влегле во нешто што може да се нарече „домаќинско партнерство“. Но тие се зеле дури по смртта на Еуген.
Најраните слики на кои се појавува Бланш се од 1882, кога новото семејство изнајмило куќа на море. На „Прошетка кај карпите“ е претставена тогаш 17-годишната Ошеде-Моне со нејзината постара сестра Марта. Тогаш таа веќе пополнувала блокчиња за цртање со свои скици.
Нејзиниот очув ја носел и на различни изложби и ја подучувал на техниките. Тие всушност сликале еден до друг, поставувајќи ги штафелаите и во студиото и кога сликале надвор така за да можат да гледаат што работи другиот. Оттаму и многу сличните мотиви, иако тие на сликите на Бланш се поконкретни, не толку поврзани со атмосферата и конкретни расположенија.
Во 1897 таа му станала и снаа на Моне, мажејќи се за неговиот син Жан. Следува период на интензивни изложби до моментот кога сопругот доживеал сериозен пад во 1912. Од тогаш таа се откажала од сликарството и се грижела за него. По две години тој починал, па Ошеде-Моне се вратила да живее во Живерњи, каде Моне, чија втора сопруга неодамна починала, бил во паника дека го губи видот. Нејзиното присуство му ја дало потребната сила да ги почне монументалните композиции со водни лилјани кои ги одбележале неговите финални години.
Импресионизмот почнал да заоѓа речиси истовремено со смртта на Моне. Но Ошеде-Моне останала лојална на стилот на нејзиниот ментор, кому му го продолжила и животот, и делото.