Денес 65-годишниот Росча некогаш во младоста бил најголемиот колекционер на винили во Клуж. Романските власти воделе досие за него, му ја отварале поштата, всушност го следеле исто како што тоа го правеле со секого кој се одважил да пушти долга коса или да носи некоја верзија на западна облека. Родителите, за да не паднат во немилост на комшиите и на истите тие власти им ја шишале косата на синовите додека овие спиеле. Што пак предизвикувало екстремни реакции од страна на лутите тинејџери - одмазди кон блиските, но и самоубиства.
Росча не бил само колекционер, туку и музичар. Како Родион ГА - првиот романски човек-бенд, тој снимил неколку албуми во доцните 1970-ти и 80-ти, откажувајќи се од музиката во 1989, по смртта на мајка му, Розалија. Неговиот стил комбинирал психоделија, метал, електроника и поп, често сето тоа во само една песна. Некои ја опишувале како „погрешна на многу точни начини“.
Ова видео, за кое пишува дека е прикажано на телевизија на дочекот на Нова година 1982, е добар пример. Росча и бендот се поканети на нешто што изгледа како обична забавна емисија на државната телевизија. Но нивната музика кратко време по воведот преминува во дисторзирани акорди и воени барабани.
За да се прави електронска музика во тоа време, и на тоа место, биле потребни големи вештини на импровизација. „Нема таков звучник на светот кој не можам да го поправам“, вели тој, бидејќи од мака научил да прави делови дури и од хартија. Никогаш не пишувал стихови против режимот, а неговото објаснување е дека мајка му веќе имала загубено две деца заради политика, и не сакал да го ризикува својот живот бидејќи само тој ѝ останал. Таа била толку среќна кога неговата музика се пуштала на радио, што се дотерувала, одела од врата до врата кај комшиите и им велела да го слушаат.
Неговиот најнов албум - компилација од претходни дела, под наслов „Розалија“, е спомен токму на неговата мајка. Се одлучил за ваква посвета откако бил да ѝ го посети гробот, и сфатил дека некој ја заменил надгробната плоча, на која било испишано друго име. Така, овој албум станува нејзин споменик. Росча сега жали што се откажал од музиката кога бил во најдобрите години, а сега пак нема многу време бидејќи неодамна бил дијагностициран со рак. Но интересот за него оживува - пред „Розалија“ беа издадени и „Загубените траки“ и „Зад завесата“, како и неговата филмска музика за „Делта спејс мишн“. Еве како звучи дел од тоа: