Храна, недвижнини, градинарство...сè што делува раскалашно, што поттикнува телесно и психичко задоволство и е гозба за око почна масовно да се опишува како „порно". И додека едни во ова гледаат сосема соодветна почва за споредба (распослани голи тела кои општат меѓусебно како пандан на распослани кременадли и маринирани ребренца на скара), други се крајно навредени што она што тие на стари години го прават во своето градинче се споредува со валкан секс.
Една читателка на Гардијан неодамна реагирала до весникот токму на оваа тема.
„Почна да станува вообичаено помеѓу новинарите, особено помеѓу вашите новинари, иронично да се користи терминот 'порно' за да се опишат ТВ програми и други визуелни прикази на градинарство, недвижен имот и храна. Ова не само што не е смешно, туку за некои од нас е и навредливо. Во овие програми често се прикажуваат сериозни луѓе со длабоко познавање на темата. Зошто нивната работа треба да биде опишана на ваков начин и да предизвика потсмев, не само кон нив туку и кон нивната веројатно повозрасна публика, чиј единствен извор на стимулација во староста е токму градинарството?".
Од друга страна, забележува таа, весникот често објавува статии за лесниот пристап до реална порнографија од страна на деца и млади, и докази за штетното влијание на истата врз нивното искусување на сексот и меѓуродовите односи. Користењето на терминот „порно" за неа создава атмосфера во која порнографијата е нормализирана и прифатена како дел од секојдневниот живот. А тоа е неприфатливо.
Гардијан одговори со свој текст, велејќи дека „порно" во контекст на неговата несексуална употреба е крајно метафорична, и нема врска со промоција на порнографијата како филмски или каков и да е друг жанр. Според нив, едноставно се работи за јазично клише, кое како што влегло во јазикот, така можеби еднаш и ќе излезе, откако заради неговата прекумерна употреба (а работата оди натаму) ќе го направи излишен и банален. До тогаш терминот „порно" ни крив ни должен ќе биде користен за сè и сешто, од опишување на нечиј стил на облекување, преку градскиот сообраќај, па до резултати од избори.
И тоа ќе звучи како оној кој го користи зборот на ваков начин никогаш да не гледал добар порнич.