Во Британија според Википедија постојат 70 книжевни награди, иако според коментаторка на Гардијан нивниот број е барем за дваесетина поголем. Зад нивното доделување стојат бројни организации, огромна администрација, армија членови на жирија и парични надоместоци вредни стотици илјади британски фунти. Нови награди никнуваат секоја година, а помеѓу поновите е признанието Џалак за „обоени“ писатели, како и таква која се доделува на најмалите помеѓу малите издавачи, односно оние со не повеќе од петорица вработени (кај нас таквите всушност доминираат).
Пописот на книжевните награди кои се доделуваат во САД е уште подолг, со над 200 признанија. Помеѓу нив се познатата Пулицерова (во неколку категории), Небула за научна фантастика, онаа на Лос Анѓелес Тајмс или наградата Марк Твен за хумор. Но има и помалку познати во или вон САД, како Арапско-американската книжевна награда, Њуманова награда за кинеска литература, па дури и Бисексуално книжевно признание кое од 2013 се доделува во дури 11 категории а се однесува на книги во кои се третираат какви и да е теми кои имаат врска со бисексуалноста. Постои и специјална награда за најдобра книга на бисексуален автор кој се изјаснил како таков во јавноста.
Во Франција се доделуваат стотина книжевни награди, кои го носат името или на некој познат француски автор (Награда Марсел Пруст, Сент-Бев, Франсоаз Саган итн.), или на фондацијата, односно медиумот кои ја доделуваат. Но има и такви кои им оддаваат посебна почит на франкофоните во светот, како Големата книжевна награда на Африка или Наградата за арапски роман. Исто така има и неколку посветени на жените, или такви за кои одлучува жири исклучиво составено од жени, како што е наградата Фемина. Постојат и пооткачени, како онаа која ја доделува ресторанот Лип лоциран на булеварот Сен Жермен во Париз, чиј прв сопственик во 1935 воспоставил награда При Каз, која се доделува на француски автор кој „не добил ниту едно друго книжевно признание“. Заради долгата традиција на наградата ова е познато свратилиште на писателите, се појавува во мемоарот на Хемингвеј од 1964, како и во филмот на Вуди Ален „Полноќ во Париз“.
Како стојат работите кај нас? Па и не толку живописно. Наградите главно се поделени жанровски и ги носат имињата на познати македонски писатели (Кочо Рацин, Ацо Шопов, Ванчо Николески, Браќа Миладиновци). Малку пошарени генерациски се наградата „Бели мугри“ за млад автор до 35 годишна возраст или „Новите“ за дебитантско дело. Не ни е позната посебна награда за малцински групи, етнички или други (Нова ромска книжевност?, ЛГБТ роман на годината?, Годишно признание за поезија на лица со пречки во развојот?). Ова не е толку финансиски и организациски проблем, на крајот на краиштата наградите можат да бидат и симболични, туку повеќе одраз на начинот на закостено размислување заради кое ретко се воведуваат нови награди, а уште поретко со цел да стави во прв план некоја ангажирана или барем откачена идеја.
За да не биде дека само „проповедаме“ а ништо самите не правиме, најавуваме воспоставување „Луто Пиперче“ - Букбокс награда за најдобра јадопијачка песна во пресрет на следното, осмо издание на Фестивалот на јадење книги, кој обично се одржува кон средината на април (фотки од лани тука). Можете да опејувате каков и да е пијалок или храна, сокчиња или алкохоли, посна или мрсна сарма, чварки или бифтек, сендвич со кулен или кус-кус салата, и сето тоа да го направите во фино зачинета творба. Кои се тука социјално онеправданите? Па оние што сакаат добро да јадат и да пијат, а притоа треба да се чувствуваат виновни што не се на „хроно“. Ако се соберат доволно следните неколку години, може да објавиме и збирка. Смислувајте и испраќајте тука, рокот е 10 април.