За фигуративната употреба на „буквално"

„Производ кој буквално ќе ве препороди", „Жена на која пред очи буквално è се појави смртта". Ова се само неколку наслови од наши медиуми коишто го отсликуваат истиот проблем што постои и во англискиот - погрешната употреба на терминот „буквално".

Ако кажете дека нешто се случило „буквално" тоа значи дека навистина се случило, токму онака како што го кажувате. Но метафоричната употреба на истиот збор понекогаш создава забуни, или во најмала рака звучи смешно. „Вчера буквално умрев од јадење" тешко дека би можел да го изговори било кој кому тоа навистина му се случило - она што тој всушност го кажува е дека фигуративно „умрел“ од преждерување.

Изнервиран од честата злоупотреба на „буквално" онаму кадешто не му е местото, програмерот Мајк Вокер направил екстензија за Гугл Хром кој го заменува зборот „бувално" со „фигуративно" во сите статии и на сите сајтови на англиски. Кога би го инсталирале (бесплатно е) би добиле наслови од типот „10 работи за кои фигуративно немате време" или „На тој и тој настан публиката фигуративно гореше од возбуда".

 

Екстензијата додуша има неколку маани: не работи со твитови и илустрации, а не знае да разликува меѓу буквална употреба на буквално, и неговата фигуративна употреба. Значи ако насловот гласи „Како буквално да го полудите" тоа се можеби вистински совети за да ја постигнете саканата цел. Како на пример после секоја негова реченица да го прашувате - „А тоа, демек, буквално?"

* Прилог: тегла во која со колегите ќе ставате по пет денари за секое вакво непотребно „буквално“. Месечно може ќе соберете доволно за да се убиете од ќебапи на кило. Буквално.

24 април 2014 - 09:13