Во извештајот под наслов „Филмови без пушење" објавен минатата недела, СЗО излезе со статистика според која 44% од сите холивудски филмови и 36% од филмовите кои не се препорачуваат за публика под 13 години, премиерно прикажани во 2014, содржат сцени во кои се (зло)употребува тутун. Како илустрација се посочува „Трансформери: време на истребување" во кој се појавува робот кој пуши нешто што личи на пура.
Преку чудна формула која ја имаат измислено самите, во истата таа 2014 филмовите испорачале 2,6 милијарда (?!) импресии на користење тутун, бројка која е добиена со множење на филмските сцени со цигари со бројот на луѓе кои платиле карти за кино. А бројката е толку голема затоа што се однесува на - Кина.
Тутунската индустрија бара алтернативи за промовирање на нејзините производи, а филмовите се последната граница, велат од СЗО. Тие најпрвин, во 2009, бараа ограничување на филмовите во кои има сцени на пушење за возрасна публика, но сега ја обновува кампањата со ново барање - сите филмови во кои има пушење да добијат ознака „само за возрасни".
Ако се прифати ова, кои од детските класици ќе мора да претрпат тежок фотошоп? Еве некои од примерите:
Пинокио, 1940
Ѓепето, креаторот на марионетката која ќе стане дете, пуши, а истото во филмот го прави и самиот Пинокио. Другар му Лампвик му вели дека не го прави тоа како што треба: „Пушиш како баба. Повлечи силно". Баш корисно упатство.
Петар Пан, 1953
Капетан Кука има специјална муштикла која му овозможува да пуши две пури истовремено. Во друга сцена од филмот децата пушат индијанско луле во круг. Единствено е поштедено бебето Мајкл, но Петар Пан е очигледно искусен и може од чадот да прави дури и триаголници.
101 Далматинец, 1961
Речиси и да нема сцена во која Круела де Вил не чади. Запаливоста на вештачкото крзно веројатно е основната причина зошто таа толку сака природни бунди.
Малата сирена, 1989
Кога Ариел од сирена се претвора во девојка и доаѓа на гости во палатата на принцот Ерик, неговиот батлер на софрата пали луле. Сирената веднаш пробува да повлече, но без голем успех. Можеби токму затоа таа не сака да живее под вода - таму не би можела ни да го запали.
Алиса во земјата на чудата, 2010
Во оваа верзија пуши само стоногалката, што е напредок од 1951 кога во филмот се појавуваат и други карактери со цигари во уста.
Ранго, 2011
Во филмот има зачадени салуни и еден злобен рептил што пуши. Ранго на тоа реагира така што цигарата ја - јаде.
Извор: Гардијан