„Се запишав на факултет како возрасна и како мајка, со тоа што претходно работев во фабрики и по продавници, откако го напуштив школото на 16 години без какви и да е квалификации. Сега сум професорка, дел од академската заедница и етнограф“. Вака почнува текст објавен на „Спајкд“ на Лиза МекКензи, посветен на актуелната состојба на академското издаваштво, кое според неа можеби се уште го нема достигнато дното, но со сигурност е тргнато натаму.
Овие нејзини сомнежи биле потврдени по минатонеделната Твитер-бура околу статија објавена во академското списание „Квалитативно истражување“. Сега веќе славниот текст носи наслов „Не сум само - сите сме сами: користење на мастурбација како етнографски метод при истражувањето на субкултурата на ’шота’ во Јапонија“, при што под ’шота’ се подразбира посебен под-жанр на манга и аниме.
Статијата е објавена во април 2022, авторот е Карл Андерсон, докторанд на Универзитетот во Манчестер. Тој користи истражувачка методологија наречена автоетнографија - метод кој почива врз сопствените искуства на истражувачот, со чести интроспекции, чија цел е подобро да ни ја доловат неговата позиција и не само сувите факти, туку и сетилните искуства и чувстата. Но овие чувства во случајов се сведувале на тоа што тој мастурбирал во текот на пандемиските карантини со јапонски порнографски стрипови од спомнатиот поджанр, кој се фокусира на сексуални врски помеѓу предпубертетски момчиња. Целта му била да истражи како „фановите на субкултурни стрипови во Јапонија искусуваат сексуална желба и размислуваат за сексуални идентитети“.
Не изненадува што голем број од коментарите искажуваа шокираност од тоа дека еден универзитет, и една академска публикација би дозволила истражување кое вклучува ваков материјал. Но ова е уште поголем шамар за оние внатре академијата, за кои ваквите примери уште повеќе ја поткопуваат довербата на јавноста во корисноста на она што се истражува и се објавува како релевантно за проширување на хоризонтите на човечкото знаење.
Да се има академска кариера без сомнение вклучува потреба од тоа да се биде објавуван. Она што голем дел од јавноста не го знае е колку е тешко да се балансира држењето настава, истражувањето и аплицирањето по списанија во кои процесот на одобрување на статии вообичаено е прилично долг, со надворешни рецензенти кои можат да бараат промени во текстот или целосно да го одбијат, по што целата работа почнува од почеток во друго списание. Очигледно „Квалитативно истражување“ немало проблем да го објави спомнатиот текст, но сепак по коментарите го отстранил, и започнал ’истрага’ околу тоа како се нашол таму.
Во рубрикава имаме десетици текстови на тема академско издаваштво (тука), но како потсетување - иако има илјадници академски списанија, огромен дел отпаѓа на мал број издавачки куќи, што ги вклучува SAGE (издавачот на „Квалитативно истражување), Таylor&Francis, Cambridge University Press и Springer. Самите списанија се раководени од универзитетски истражувачи, главно на волонтерска база. Да се биде дел од уредувачки одбор на списание е многу добро за академска биографија. Но вистинскиот ќар, за којшто се исплати вложеното време и труд, е тоа што на овој начин се влегува во круг на истомисленици кои си помагаат меѓусебно, што само по себе не е лошо, сè додека не се претвори во елитен клуб кој меѓусебно се цитира и се поддржува, а ги исклучува сите оние кои не се во друштвото. За вториве да се биде објавен на тој начин станува многу тешко, дури и невозможно. На овој начин некој има кариера и напредува во неа, а други остануваат на маргините или се тотално исфрлени од игра. Да се биде дел од овој систем, според МекКензи, значи да се остави на страна сопствената етика и да се затворат очите пред непотизмот и нееднаквоста која владее во академските кругови.
„Ако има некаква поука од дебаклот со дневникот на мастурбаторот тоа е ова: доколку академијата сака да преживее, таа треба да престане да биде толку елитистична, свртена кон себе и со ограничен ум. Таа треба да го сврти вниманието кон поширокиот свет. Ако некогаш било потребно висококвалитетно истражување кое би ни помогнало да излеземе на крај со длабоките нееднаквости во општеството, тоа е овој момент“, заклучува таа.