Френсис Мекдоналд Корнфорд (1874-1943) бил англиски класичар и преведувач. Иако студирал на престижниот Тринити колеџ во Кембриџ, а подоцна таму и предавал, тој често бил критички и сатирички настроен кон начинот на кој се спроведува наставата и воопшто образовниот процес во ваквите „храмови на знаењето“. Во 1908 објавил краток памфлет за универзитетската политика, Microcosmographia Academica (Малиот академски свет), кој инспирирал мал но значаен култ на следбеници на неговиот песимистички став кон академската средина.
Според него неколку принципи се главната кочница за вистински напредок на науката и образованието во ваквите високопарни институции.
Првиот е принципот на „клин“ според кој не треба да се реагира правично во моментот, поради страв дека во иднина ќе треба да се реагира уште поправично. Нереагирањето првиот пат го штити поединецот од тоа јавноста да очекува од него да се декларира секогаш кога ќе искрсне каква и да е ситуација која таа (јавноста) би ја толкувала како проблематична, и не само тоа, туку неговата реакција секој следен пат да биде уште поенергична.
Вториот е принципот на опасен преседан. Тој исто така подразбира пасивност при преземање на коректното дејство поради стравот дека ако немаш храброст да го сториш истото следниот пат ќе бидеш осуден. Но иако ова делува идентично со претходното, тоа содржи важна нијанса: дека секое невообичаено однесување станува ризичен преседан, што повлекува дека ништо не треба да се прави по прв пат.
Третиот е принципот на „условите не се созреани“ (односно не е дојдено времето). Тоа значи дека не треба да се презема ништо во моментот, затоа што реакцијата може да се покаже како избрзана и оттаму ефектот да се анулира. Работата е што во очекување на „вистинското време“, тоа може да помине, па следниот момент да биде предоцна. Или со зборовите на Корнфорд - „времето е како мушмула - неговиот трик е што може да скапе пред да созрее“.
Неговите аргументи се често користени и во современи хумористични или критички текстови. Кристофер Хиченс (осврти на негови книги тука и тука) цитира делови од овој памфлет во својата книга „Писма до младиот контраш“:
„Има само еден аргумент за да се преземе нешто; сите други аргументи водат кон непреземање ништо.“