Дијагностициран со рак на езофагусот во 2010. среде промотивната тура за неговата автобиографија „Хич 22" (парафраза на насловот на романот на Јозеф Хелер Catch-22), тој последните месеци, до смртта на 15. декември 2011 на 62 години, остана активен, луциден и сурово реален, каков што бил секогаш. Присутен во новинарството и книжевната критика повеќе од четири децени, тој објавувал во најпознатите, главно левичарски весници и списанија во Британија и Америка - Тhe New Statesman, The Atlantic, The National, Slate, Vanity Fair. Автор е на дванаесет книги и пет збирки есеи, но најинтересни за јавноста беа неговите јавни настапи - речит, остроумен и со огромен талент за конфронтација, тој истовремено беше омразен но и почитуван соговорник дури и од неговите неистомисленици.
Оние од таборот на верниците, кои целиот живот се обидуваше да ги убеди во штетноста на организираните религии, кои според него се главниот извор на омраза во светот, дури одржуваа молитви за негово оздравување, и до последниот миг се надеваа дека затечен од тешката болест ќе го смени мислењето, и од закоравен атеист ќе стане побожен. Во последното писмо до јавноста, и особено до споменатите (не напишано туку диктирано на неговиот пријател Арт Левин на предсмртната постела), тој е сепак непоколеблив - „Рајот може да почека" е неговиот наслов, иако тој би можел да гласи и исто како оној на неговата книга – "god is Not Great".
Епитетите кои му се припишуваа на овој редок лик додека беше жив се навистина живописни - паша на порокот, пијаниот ангел, р'чкало со вкус...Хич очигледно не бил само скрибоман, воден единствено од cacoethia scribendi, или „чешањето", страста за пишување, туку и од страста за животот. Неговиот „соларен систем" вклучувал луѓе кои можат само да се посакаат како спаринг партнери за партија добар интелектуален тенис - Салман Ружди, Јан Мекјуан, Ричард Докинс, Сузан Зонтаг, Едвард Саид. Неговата автобиографија никогаш не престанува да го потенцира нивното значење за делото и животот на Хиченс, кои всушност и не се две одделни нешта. Книгата во детали ги опишува разновидните и турбулентни политички контексти во кои тој учествувал, и физички и со своите написи - Ирска, Куба, Полска, Ирак, Либан, Босна, Америка по 11. септември. Импозантен е и списокот на битни политички идруги фигури со кои тој се има замерено: од мајка Тереза, Кисинџер, Клинтонови, до – Господ.
Но иако многумина (па и јас) од оваа автобиографија очекувавме и некои пикантни детали за интимниот живот на главниот лик, тие речиси целосно отсуствуваат. Како што тоа го забележува критичарите во Гардијан и Њујорк Tајмс, ова е интелектуална историја а не емоционална катарза. Хиченс во неа е како некаков бестелесен ум, елоквентен по сите теми, но не и кога е во прашање интроспекција или индискреција. Можеби тоа е британското во него, кое не исчезнало дури и откако тој со мака станал американски државјанин. Неговите три деца се споменуваат само во контекст на самокритика за недоволното внимание кое тој им го има посветено, за што изгледа дека искрено жали, а од неговите две сопруги го дофативме името на само една, последната, Керол Блу. Најтопли се страниците посветени на неговите пријатели и соборци, како и на неговата мајка, која завршува трагично, самоубивајќи се во хотел во Атина со нејзиниот љубовник, по неуспешна потрага по поинаков, повозбудлив живот од оној со Хиченс постариот, морнарички командант, кој е претставен како храбар, чесен, но крајно строг и емоционално тап човек. Но дури и кога Хиченс помладиот е повикан да го идентификува телото на мајка си, тој не ја пропушта приликата во Атина да го посети гробот на Сеферис и, кога е веќе таму, да заврши и по некоја новинарска задача - на крајот на краиштата годината е 1973., во Грција се приближува крајот на хунтата, и би било штета да не се напише нешто за тоа. Cacoethia scribendi.
Речиси е невозможно да се раскаже сето она што Хиченс го раскажува за себе во книгата. Но неколку работи ми оставија посебен впечаток - поглавјето посветено на Салман Ружди, во кое раскажува блесави епизоди за нивните „недолжни задоволства" (на пример играњето со наслови на филмови и книги, со замена на зборот срце со к*р, како во Закопајте ми го к*рот кај Рането колено - игра во која Ружди бил брилијантно досетлив), како и она посветено на сега починатиот Едвард Саид. Има еден момент кога Хиченс оди кај Саид на „one on one tutorial", очигледно востановена пракса во тоа интелектуално друштво, на консултација по одредено прашање или тема, за која соговорникот има поголемо знаење. Темата во случајов била Англо-јудаизмот (Хиченс во еден момент од животот открива дека има еврејски корени), но со чести дигресии кон Пруст, Вирџинија Вулф, Сент Бев. Изгледа навистина фасцинантно и далечно двајца луѓе да се способни, но и да сакаат така да го поминат времето заедно во ваков тип разговор, а не на LOL OMG чет.
Сепак најпотресен е моментот кога Хиченс дознава дека извесен Марк Дејли, роден на четврти јули, дипломец на Универзитетот во Колумбија, енергичен млад човек кој како демократ бил резервиран околу војната во Ирак, под влијание на текстовите на Хиченс заминал да војува, и погинал под американското знаме. Тоа е моментот кога новинарот го сфаќа влијанието на сопствените зборови кое тие го имаат не во некаква метафизичка сфера, светлосни години оддалечена од стварноста, туку во реалниот живот (и смрт) на луѓето кои ги читаат како патоказ, порака, морален поттик. Тоа е она влијание кое секој оној кој пишува не смее да го прецени, но очигледно не смее ни да го потцени.
Во текот на неговиот ангажман во Венити фер, Хиченс морал да се бави и со теми кои не биле баш од оние најангажираните, како бразилска депилација, потеклото на изразот блоу џоб или зошто жените не се толку смешни кога кажуваат вицови. Нормално, не можел да помине и без да го одговори Прустовиот прашалник, кој е редовна рубрика во ова списание. Би можела да се потпишам под повеќето одговори, особено под она „кои квалитети ги цените кај маж". Неговиот одговор: „Храброст, морална и физичка, анима - способноста да се мисли како жена". Не сум сигурна дека Хиченс ја имал оваа способност, да мисли како жена. Но што се однесува до храброста, покажал нешто од неа. Неговата смрт е како кога некој од главните фаци прерано ќе ја напушти журката. Таа дефинитивно веќе не е иста без него.