Вонземјани или верски култ?: мистериозниот случај на сакатени крави од 1970-тите

Кога американските ранчери почнале да пријавуваат инциденти во кои нивната стока била пронајдена мртва, со отсечени делови од телото, тоа поттикнало и теории на заговор и растечко незадоволство кон властите. 

Во 1970-тите ранчери од повеќе места низ САД почнале да пријавуваат нешто необично. Тие си ги наоѓале своите крави мртви, со отстранети делови од лицето и гениталиите. 

Историчарот Мајкл Џ. Големан се занимавал со овој случај и пронашол одговори кои немаат врска со теориите на заговор како што првично се претпоставувало. 

Тој пишува дека известувањата за сакатење на стоката започнале во 1973, главно на запад и средниот запад, на мали ранчеви. Очите, ушите, ректумите и сексуалните органи на кравите биле сечени со „хируршка прецизност“. Според тогашните весници, повеќе од 10.000 вакви инциденти биле пријавени до крајот на деценијата. 

Некои медиуми велеле дека станува збор за вонземјани или верски култови. Но помеѓу самите ранчери најзастапена теорија била онаа која велела дека станува збор за владина конспирација. Според нив сакатењата биле дел од таен план за тестирање биолошко оружје. Некои велеле дека виделе неозначени хеликоптери близу „сцените на злосторот“ па дури и дека биле бркани од леталата. Имало и случаи кога ранчери пукале во хеликоптерите. Заканата била толку сериозна што националната гарда на Небраска почнала да лета повисоко при изведувањето на своите вежби.

За да се разбере паниката, треба да се земе предвид контекстот. Раните 1970-ти биле брутален период за ранчерите. Голем број од нив се чувствувале загрозено од зголемените напори за зачувување на животната околина, која вклучувало ограничување на можноста за напасување на јавно земјиште. Високите стапки на инфлација, заедно со огромните федерални набавки на житарици за да се одговори на недостатокот храна на други места во светот, ги качиле цените. Потоа администрацијата на Никсон ги замрзнала цените на месото. Целата ситуација била наречена „Катастрофата“, и била особено погубна по малите имоти.

За обвинување на властите помогнало и тоа што историски биле познати случаи кога во 1968 американската армија случајно убила повеќе од 4500 овци додека тестирала нервни гасови во Јута. Иако првично од таму ја отфрлале одговорноста, сепак ја признале дури во 1998.

Денес историчарите сметаат дека сакатењата сепак се должеле на напади на диви животни, како којоти или јазовци, кои консумираат меки ткива како гениталии и очи. Ова не им пандало на памет на полицајците кои не биле упатени во навиките на овие животни, па ги опишувале сакатењата како да се направени од човек. Медиумите едвај чекале ваква сензација, а потоа гласините веќе не можеле да се сопрат, иако и тогаш имало ветеринари и големи ранчери кои биле скептични. На крајот, паниката била манифестација на растечкиот цинизам поврзан со властите, во време кога американската политика се моделирала на начин кој се задржал и во следните децении. 

извор

17 март 2023 - 15:06