„Мечето по име Војтек“, анимиран филм кој наскоро ќе се снима, ќе ја раскаже вистинската сторија за мечокот кој им помогнал на полските војници да ја добијат една од најбруталните битки во Втората светска војна кај Монте Касино, или попозната како битката за Рим, во која погинале над 75.000 војници и цивили.
Родното место на Војтек бил далеку од Италија - во северен Иран. Кога ловци му ја убиле мајката, мечето останало само, и било посвоено од некое момче. Во 1942 тие сретнале група полски војници кои се движеле низ Иран. Тие пак се нашле таму откако биле ослободени од затворенички кампови во Русија, каде завршиле откако во 1939 СССР навлегол во Полска заедно со нацистичките војски (за подоцна да ги смени страните). Тие го откупиле мечето од момчето за неколку персиски монети, парче чоколадо, швајцарско ноже и конзерва говедско.
Војтек им станал пријател и соборец - го хранеле со разводнето кондензирано млеко, од старо шише вотка со импровизирана цуцла. Прво го криеле од старешините, но бидејќи е малку тешко да се крие сиријска кафена мечка, вид сличен на северноамериканското гризли (расте до 1.80м и може да тежи до 200 килограми), тие по некое време го фатиле тајниот регрут.
Заради големото инсистирање од страна на војниците, на Војтек на крај му било дозволено да остане, како маскота. Млад војник по име Петар Прендис му бил „чувар“, учејќи го како да салутира. Но тој прифатил и други војнички манири - пиел пиво, пушел (со вовлекување), а еднаш додека Полјаците престојувале во голем сојузнички камп во Ирак, тој ја украл и долната облека на жените-војници. Зимата 1942 влегол во складот со храна за Божик и изел се што му дошло под рака.
Сепак, наскоро се искупил за сите „гревови“. Кога дошло време за преместување кон Италија, Полјаците сакале и Војтек да дојде со нив. Ова им било стриктно забрането, па легендата вели дека тие му доделиле чин, му извадиле официјална книшка и во него го запишале како „Војтек, насмеаниот војник“.
Така, тој заминал заедно со војската, иако не е јасно колку подоцна зажалил за истото. Се соочил со истите ужаси како и тие, а при првото бомбардирање кое го доживеал се качил на дрво во обид за бегство. Сепак и помагал - носел тешка муниција на себе, а во документарецот „Војтек - мечката што замина во војна“ е забележано сведочење на британски ветеран кој бил вчудоневиден кога пред себе видел мечка натоварена со гранати.
На 18 мај 1944 полската единица успеала да го заземе стратешки клучното утврдување Монте Касино. Тогаш, со одоброение на високата полска команда, 22-рата артилериска чета добила нови ознаки, со цртеж на мечка која носи муниција. Еден од војниците, кој тогаш имал 17 години, за спомнатиот документарец изјавил: „Војтек ми беше како постар брат“.
По завршувањето на војната голем број од војниците не сакале да се вратат дома со оглед на претходниот третман од страна на сталинистичка Русија. Наместо тоа заминале во камп во Шкотска и го зеле и Војтек со нив. Сепак, за него наскоро бил потребен нов дом - го преселиле во зоолошката во Единбург, каде живеел до својата смрт во 1963, на вораст од 21 или 22 години. До тогаш станал толку омилен што во 2015 Полјаците и Шкотланѓаните заеднички собрале пари за бронзена статуа на Војтек во Единбург, која е изработена на платформа направена од полски гранит.
Легендата вели дека и на старост, секогаш кога ќе слушнел полски јазик или акцент, мечокот застанувал на задните нозе и салутирал.