Џоф Манау (Geoff Manaugh), авторот на книгата која е некој вид етнографија на градскиот арамилак, но и индиректен водич за истата активност, неа ја започнува и ја завршува со приказна за човек кој е одговорен за еден од највосхитувачките криминални бранови во историјата на САД.
Џорџ Леонидас Лесли пристигнал во Њујорк во 1869, годината кога е започната изградбата на Бруклинскиот мост. Како образован архитект, тој би амбициозен, харизматичен и со добри врски - можел да работи за кој и да е богат клиент во градот. Но наместо тоа, тој одлучил да го употреби своето знаење за брзи и ефикасни влезови и излези од - банки. Се проценува дека до моментот кога му завршила кариерата во 1878, со тоа што бил убиен од неговиот партнер во криминалот, тој и неговата банда имале извршено 80% од грабежите на банки во САД.
Успехот на Лесли се должи на долгото време поминато во проучување на архитектонските планови на зградите во кои влегувал, понекогаш и само пробно, колку да ја процени големината на просториите и проодноста на ходниците. Неговото мото било: „Најдобриот начин да се сродиш со архитектонски простор е да провалиш во него“. Правел модели на зградите во еден магацин во Бруклин, за грабежот да може да биде испланиран до перфекција. Така, станувајќи еден вид подземен архитектонски консултант, советувајќи ги криминалците како најдобро да си ја извршат работата, тој станал „и светец на крадците, и паднат ангел на архитектите“.
Ова е само една од бројните приказни и анегдоти во книгата . Во друга. крадецот бил фатен откако 10 часа ползел низ вентилацијата на ветеринарна клиника, во неуспешен обид да украде седативи. Бил најден гол и вооружен со светилка и чекан, како „надреална нудистичка верзија на Дај Хард“.
Книгата покрива години и години копање тунели, провали, бегства и заседи, активности низ чија призма градот добива сосема поинаква димензија. Ѕидовите, лифтовите, оградите, сефовите и покривите одеднаш стануваат повидливи и по „стварни“ погледнати низ очите на еден професионален крадец. Во пишувањето на книгата на авторот му помагале и приватни консултанти за обезбедување, специјални агенти на Еф-би-ај, „реформирани“ поранешни криминалци и архитекти. На списокот нема политичари, ама па тие баш и не мора да прескокнуваат бодликава жица за нешто да украдат.