Не знаеме за вас, но во последно време нас сè нешто нè иритира - луѓе што одат бавно, но и такви што чекорат пребрзо и ни создаваат чувство на итност. Такви што доцнат, но и оние кои доаѓаат порано па имаме грижа на совест дека нè чекале. Телефони што упорно ѕвонат а никој не се јавува. За погрешно паркирани автомобили и да не почнуваме. Но со оглед на тоа што сè може да ја предизвика, иритираноста изгледа како чувство во потрага по поводи: си тлее во нас и во моментот кога ќе си најде соодветен поттик избива, понекогаш на неочекувано драматични начини.
Нешто во врска со ова навидум банално чувство според филозофите го прави непристапно за критичка анализа. Можеби затоа што кога сме иритирани сме и најмалку подготвени за интроспекција, преокупирани со моменталната нервоза чии пренагласени ефекти не би издржале објективна критика. Како иритираноста секогаш да се сомнева во самата себе и мора да одбегне да се занимава со сопствената природа, за да не излезе смешна во сопствените очи.
За Аристотел, иритацијата е блиска со лутината - како нејзина позлобна мала сестра. Гневот нуди одмор од јаството, изглегување од сопствената кожа, но иритацијата значи да се биде заглавен ни ваму ни таму, во сивата зона помеѓу смиреноста и крајниот излив на лутина што би подразбирало јасно и гласно изразување на чувствата. Наспроти ова надразнетоста се карактеризира со тивко мрморење, стегнати усни, лут поглед и забрзан здив, но не и со нешто видливо на прв поглед. Ниту еден престап не е оправдан ако е направен од „иритираност“, иако постојат законски олеснувања за дела направени како резултат на други, интензивни чувства.
За надразнетиот, причини за иритираност може да има насекаде, дури и во пасторална сцена во која нема ништо друго освен природа, сонце, вода и птици. Аман од овие чучулиги! Леле, ама бучи рекава! Сонцево ќе намали малку или ќе свети вака цел ден? Но за да се биде иритиран не мора ни да се излезе од дома - всушност токму тука, во „спокојството“ на домот лежат и најбројните причини за ситна нервоза, која бабри и врие. Дури и кога е насочена кон други, иритацијата генерално е антисоцијално чувство, разговор со самиот себе. Ова е веројатно затоа што таа е површно чувство кое е тешко да се искомуницира: нè нервира начинот на кој некој зборува, нивниот тон, а не она што е навистина кажано. Додека лутината гори а тагата ранува, иритацијата само гребнува. Како и би се очекувало некој да ја земе за сериозно?
Во физичкиот свет иритацијата е најблиска до чешање. Ако целта на болката е да му упати јасна порака на умот дека нешто не е во ред и дека човек треба да престане да го прави она што доведува до болка, чешањето изразува понеодредена состојба на нелагодност, која може да се укине преку чинот на гребење на кожата на соодветното место. Но олеснувањето е само привремено - набгру чешањето се враќа, често уште поинтензивно отколку претходно.
Додека јавниот гнев може да поттикне општествени промени, иритацијата е пасивна и не го прави потребниот чекор од индивидуалното тело кон поширокиот, колективен контекст. Одговарајќи на прашањето „како си?“ само со сувото „добро“ го потиснуваме афектот и енергијата која тој би можел да ја произведе. Како бесконечниот циклус на чешањето, иритацијата е затворен круг кој е антисоцијален и аполитичен. Па сепак, во поширока смисла таа може да стане облик на генерализирана сензитивност, дури и љубопитност, за изворот на иритацијата најпрвин да се детектира, рационализира и потоа укине или апсолвира, низ креативни практики. Само на овој начин ќе признаеме дека токму во неа лежи и нашиот најголем животен предизвик.