Писмо на Пруст до дедо му

Во потрага по загубените 10 франци

Сајтот Letters of Note, кој објавува кореспонденции на разни познати личности, до сега никогаш не нè изневерил со автентичноста на објавените писма. Ова е сепак едно од понеобичните.

Марсел Пруст, авторот на обемната „Во потрага по загубеното време", која е прогласена за една од најзначајните книги на сите времиња, како тинејџер бил опседнат со самозадоволување. Ова предизвикувало проблеми во семејството, а особено бил загрижен татко му, епидемиолог - експерт за колера и автор на бројни статии на темата на хигиената, кој како и многумина во тоа време (крајот на 19. век) сметал дека ова може да предизвика различни ментални и физички пореметувања, меѓу другото и хомосексуалност.

Така, во мај 1888, во обид да го „излечи", д-р Пруст му дал на 16-годишниот син 10 франци и го испратил во локалниот бордел. Можеби затоа што Марсел навистина бил хомосексуалец, заради астмата од која страдал уште од деветгодишна возраст, или затоа што едноставно не му бил денот, посетата на оваа институција не поминала како што треба. Тоа го дознаваме од писмото кое тој му го испратил непосредно по настанот на неговиот дедо (не е наведено дали оној од мајчина или таткова страна, дедото по мајка на Пруст бил Евреин и живеел во Алзас, а семејството од таткова страна било католичко).

транскрипт

18 мај 1888

четврток навечер

Драг мој дедичко,

Те молам најљубезно за сума од 13 франци кои сакав да ги побарам од г-дин Натан, но за кои мама смета дека би требало да ги побарам од тебе. Еве зошто. Толку беше потребно да се видам со една жена за да престанам со мојата грозна навика за мастурбација, што тато ми даде 10 франци да појдам во бордел.

Најпрвин, во мојата вознемиреност, го скршив нокширот: 3 франци; потоа, се уште во стрес, не бев во можност да е*ам. Ете ме, назад на почетокот, чекајќи со часови да се ослободам себеси за 10 франци плус 3-те за нокширот. Но не се осмелувам да му побарам на тато уште пари толку бргу, па се надевав дека би можел да ми помогнеш во оваа ситуација која, како што знаеш, не само што е исклучителна туку е и единствена. Не може два пати во животот да се случи човек да биде толку збунет за да не д*пи.

Те бакнувам илјада пати и се осмелувам да ти заблагодарам однапред.

Ќе бидам дома утре наутро во 11. Ако те потресе мојата ситуација и ако можеш да одговориш на моите молитви, се надевам ќе те најдам со споменатата сума. Без оглед, ти благодарам за одлуката за која знам дека ќе произлезе од чувство на пријателство.

Марсел

16 август 2013 - 15:04