Тимот предводен од Џин Твенџ, професорка по психологија на државниот универзитет во Сан Диего, анализирал наслови од корпусот на Гугл Букс кои се однесуваат на книги објавени во САД помеѓу 1950 и 2008. Се концентрирале на седум клучни зборови „кои никогаш не смеат да бидат изговорени на телевизија“, кои ги има наведено комичарот Џорџ Карлин во 1972: “shit”, “piss”, “fuck”, “cunt”, “cocksucker”, “motherfucker”, и “tits” (срање, мочање, ебење, курва, куропушач, заебан или „си и’бал мајката“ и цицки).
Земајќи предвид скоро 1 милион книги, спроведеното истражување ги дало следниве резултати: „мадафака“ било искористено 678 пати повеќе на почетокот на 2000-тите отколку во раните 1950-ти, „шит“ 69 пати повеќе, а „фак“ 168.
Генерално нивниот наод е дека писателите во значителен обем ја зголемиле употребата на спомнатите зборови, кои се појавуваат 28 пати повеќе во книги објавени помеѓу 2005 и 2008 отколку во раните 1950ти.
Статијата објавена на Сејџ опен вели:
„Американската култура се повеќе го вреднува изразувањето на сопственото мислење и ги олабавува социјалните табуа, па ова резултира со зголемена употреба на пцости во книжевноста“.
Еден од порадикалните примери е романот The Sellout (Продадената душа), за кого Пол Бити лани ја доби Букеровата награда, а кој вклучува 80 примери на „фак“ и повеќе од 90 употреби на зборот на „ц“ (црнчиште, а моќе и на „ќ“ - ќумур, ќумбе).
Ваквата ситуација е предизвик и за преведувачите, кои сега треба повеќе да работат на изнаоѓање преведувачки решенија и да не се снебиваат од нив. Ги молиме, на пример, „шит“ да престанат да го преведуваат со „гомненици“, бидејќи никој не зборува така.
Претходно: Кратка историја на пцуењето