Во мај 1992, 23-годишниот Кристофер МекКендлс пристигнува во осамените предели на Аљаска и си прави засолниште во напуштен автобус. Се храни со растенија и дивеч, чита книги (Торо, Толстој, прирачник за препознавање билки) и води дневник. Топло е, има за јадење и тој изгледа задоволен од својот нов живот. Иако нaвидум сè е идилично, некоја лебдечка тензија ни кажува дека ништо нема да oстане така до крајот на филмот.
Вистинските причини за оваа авантура ги сфаќаме преку неколку навраќања на претходниот живот на Крис. Паметно и пргаво дете, тој е од семејство од средната класа кое го живее американскиот потрошувачки сон, со родители кои не престануваат да се караат (па дури и физички да се пресметуваат), кои ги оптоваруваат своите деца со сопствените неостварени амбиции, и генерално некаде грешат. Не сакајќи да се најде во нивна ситуација кога ќе биде предоцна, по завршувањето на факултетот Крис ја донира целата заштеда од 24,000 долари за хуманитарни цели, го пакува само најпотребното, и заминува од дома за никогаш повеќе да не се јави.
По патот за Аљаска, на кој мора на моменти да застанува и да подработува за да преживее и да ја набави потребната опрема, тој запознава куп живописни ликови, сите благонаклоно расположени. На некои од нив посебно им прираснува за срце - на самохрана мајка која израснала син кој веќе две години не ѝ се има јавено, старче кое загубило син во сообраќајка, девојка која го засакува. Сите се подготвени да го прифатат како свој, а дедото дури и да го посвои. Но опседнат со неговата идеја за одметништво, Крис, односно Александар Супертрамп како што му гласи новото име, љубезно ги оттурнува од себе сите, сметајќи дека очекуваната катарза од него ќе направи подобар човек.
И навистина, четирите месеци во „Магичниот автобус" се одлична школа за преживување и период на интроспекција за Крис, кој успева некако да ги сведе сметките, и во еден момент решава да се спакува и да се врати помеѓу луѓе. Но ако пристигнувањето на Аљаска беше тешко, враќањето се покажува невозможно - поточето кое го помина кога доаѓаше сега е претворено во огромна, надојдена река. Немајќи каде, тој се враќа во автобусот, и наскоро, прегладнет, по грешка јаде отровно растение (вид див компир) што завршува трагично. Неговата последна забелешка на маргините на една од книгите е горчливо сознание на некој кој умира сам: „Вистинска среќа е само онаа споделена со други".
(селфи од неразвиениот филм во апаратот на Крис, кого заедно со трупот го пронашле ловци, околу две недели по неговата смрт)
Од некаков академски аспект, филмот е типичен пример за неуспешен „обред на премин" - минувањето на оние три прага за кои зборува антропологот Ван Генеп кога ги анализира ритуалите низ кои треба да поминат членовите на заедницата во различни култури, а се состојат од изолација на „иницијантот", лиминалност (негово минување низ опасни ситуации) и конечно, успешна интеграција во новиот статус, овој пат во оној на Човек и Маж. Крис се изолира, некое време успешно ги минува препреките (како во бајките се бори против неговите внатрешни змејови), но исцрпен на крај ја губи битката. Исто како и уште еден тинејџер, кој поттикнат од филмот, во 2013 исто така умира обидувајќи се да ја повтори авантурата на Крис.
Од просто човечки аспект, филмот е за една погубна фикс идеја, дека смирението е „некаде отаде", на место недопрено од човечка рака, каде Природата нуди контекст за поисполнет и поправичен живот. Под мотото „лесно е да зборуваш против општеството, иди направи го подобро" неколкумина од луѓето кои тој ги среќава по пат се обидуваат да го предомислат, нудејќи му како клучен аргумент не апологија на некаков општествен поредок кои повеќето од нив и онака го отфрлиле, туку единствено нивната - љубов. Премногу горд и гневен, и покрај тоа што имал релативно добар живот, Крис доцна ја сфаќа нивната порака. Истата таа Природа која толку ја величеше, на крај го труе.
Родителите кои имаат своеглаво дете на крајот од филмот ќе му се лутат на Крис како тој нив лично да ги напуштил. Оние кои некогаш помислиле да се одметнат, заменувајќи ја една култура со друга, или култура со природа, ќе ги разберат неговите мотиви. Оние кои се обидуваат да изградат сопствен, внатрешен „манастир“ среде урбаната врева, еден ден по гледањето на филмот ќе ги држи блага меланхолија. А потоа ќе си го пуштат на рипит саунтракот од Еди Ведер (Прл Џем) и слушајќи ја најубавата песна од него, „Општество", ќе замислуваат дека се во некое далечно село, каде јаболките кои таму растат сами од себе уште малку ќе стасаат за берба.