Во раните денови на научната револуција не било невообичаено во истиот човек да чучи и сосема рационален мислител кој се повикува на научни закономерности и таков кој истовремено верува во магија, астрологија, алхемија и сл.
Сепак, дури и во ваквото мноштво разнородни мисли и практики, сер Исак Њутн сепак отскокнувал како човек кој обединувал езотерички библиски пророштва, верувања во окултното и ригидна, формална математика која се придржувала до индуктивниот научен метод.
Додека ги формулирал принципите на гравитација и трите закони на движењето, Њутн исто така го барал легендарниот Камен на мудроста - тинктурата или правот којшто го барале алхемичарите поради неговата наводна способност да ги трансформира основните метали во скапоцени, особено во злато и сребро. Освен тоа, длабоко религиозниот Њутн пишувал теолошки трактати интерпретирајќи ги библиските пророштва и предвидувајќи го крајот на светот. Според него денес имаме „још пар година за нас“, односно светот, онаков каков што го знаеме, ќе исчезне во 2060.
Во писмо од 1704 кое е изложено во Хебрејскиот универзитет во Ерусалим (слика горе), тој детално го опишува начинот на којшто дошол до оваа бројка, како што самиот вели „ставајќи крај на тврдењата на сите измамници кои често го предвидуваат крајот на светот“. Доколку ве интересираат деталите, пресметката по чекори можете да ја видите тука, а како тизер само ќе кажеме дека таа има врска со реални историски настани, владеењето на папите, но и со религиските убедувања на Њутн, кој бил „антитринитарец“ односно се придржувал до протестантска доктрина која го отфрла Светото Тројство.
Важно е да се нагласи дека Њутн не верувал дека светот ќе исчезне во смисла на тоа дека тој ќе експлодира без трага, туку дека „крајот на светот“ подразбира враќање на Исус и негово владеење во следниот милениум.
Научните теории на Њутн денес се уште се сметаат за коректни, иако можеби некомплетни. За овие другиве ќе треба да се почека 2060-та. Да сме здрави и живи.