На 25 јули 1665, едно петгодишно момче по име Џон Морли од парохијата Св. Тројство во Кембриџ, било пронајдено мртво во својот дом. Кога градските власти го испитале телото, забележале црни точки на неговите гради, несомнен знак за бубонска чума. Морли така станал првиот познат смртен случај од оваа болест во Кембриџ. Наскоро градските луѓе почнале да бегаат кон селата. Помеѓу нив бил и млад научник од Тринити колеџ, под името Исак Њутн. Неговиот дом, фармата Вулсторп, се наоѓал околу 100 километри северно од универзитетот. Токму тука, во речиси тотална осама, тој го измислил диференцијалното интегрално сметање, развил нова физика користејќи ги своите математички откритија за да го анализира феноменот на движењето, и за да ја срочи својата теорија на гравитација. Чумата така создала услови за развој на модерната наука. Или барем така вели приказната.
Сега, со ширењето на коронавирусот, таа „чудесна“ година на Њутн се пласира како модел според кој и ние би требало да ги организираме нашите животи. Доколку не го сториме тоа, како да сме паднале на пандемискиот испит. Ако Њутн додека бил во карантин го променил светот, зарем ние не можеме ни да си ги средиме шифоњерите?
За разлика од големиот број медиуми кои ја протежираат ваквата споредба (од што произлегоа и соодветни „мемиња“), Томас Левенсон од Њујоркер, има поинакво мислење. Не, не можеме да сториме ни приближно од она што го сторил Њутн, и тоа од најмалку две причини. Прво, затоа што не сме му дораснати по знаење и талент. Второ, затоа тоа што идејата дека токму чумата ја поттикнала неговата брилијантност е погрешна, па дури и штетна за нашето моментално психолошко здравје.
Имено, Њутн долго време пред спомнатата година напорно работел на сето она што го заокружил во осамата во Вулсторп. Овој негов креативен период траел не една, туку најмалку пет години. Тој бил во состојба да го направи она што го направил не поради тоа што се нашол среде епидемија на чума, туку поради тоа кој бил - еден од најголемите математичари и природонаучници на сите времиња. Во текот на тој период тој не морал да прави ништо друго освен да мисли, расудува и пресметува (за разлика од нас кои мораме да пазариме вон полициски час, да гледаме прес конференции и да твитаме). Да се земе еден ваков човек за (невозможен) стандард е непродуктивно. Всушност, вистинската лекција е човек да се сети кој аспект од неговиот живот му значел и му ја поттикнувал креативноста пред овој хаос, и врз тоа да надоградува, без амбиција да се натпреварува со гениј од рангот на Њутн.
Види претходно: Дали Шекспир го напишал „Крал Лир“ во карантин?