Шекспир се родил во време кога не било лесно да си бебе. Во Англија во 16 век, среде ерупцијата на бубонската чума, се сметало за добра среќа ако воопшто стигнеш до полнолетство. Летото 1564, неколку месеци по неговото раѓање, Стратфорд на Ејвон бил зафатен со страшната болест, која убила една четвртина од населението во градот.
До владеењето на кралот Џејмс Први, Шекспир веќе бил најпознатиот драматург, но заради чумата, лондонските театри почесто биле затворени отколку што работеле, и тоа според пресметките цели 78 месеци помеѓу 1603 и 1613, односно 60% од времето.
Така, немајќи друг избор, во 1606 Вилијам се самоизолирал, и во таа една година успеал да напише дури три денес славни драми - „Крал Лир“, „Магбет“ и „Антониј и Клеопатра“. Првата била изведена пред кралот на 26 декември, откако летото и есента Лондон бил погоден од нов бран епидемија, која дошла многу блиску до Бардот - ја убила газдарицата на куќата на Силвер стрит, каде што живеел.
Дека „Крал Лир“ има врска со сета таа мрачна атмосфера, на напуштени улици и затворени продавници, кучиња кои гладни се врткаат наоколу, црковни ѕвона кои чукаат за погреби, е повеќе од очигледно. Текстот е полн со слики на смрт, хаос, нихилизам и очај. Иако во оваа и во другите негови драми нема документарни референци кон чумата, таа често служи како контекст на заплетот, како во „Ромео и Јулија“, кога курирот испратен од фратарот Лоренс е спречен да ја пренесе пораката бидејќи со сила го затвораат во карантин. Тоа значи дека писмото во кое се вели дека Јулија ја лажирала својата смрт не стигнува до Ромео, што доведува и до трагичниот крај.
Неговите драми, особено по 1603, година во која чумата толку косела што морало да биде одложено и крунисувањето на Џемјс Први, содржат метафори поврзани со болести, особено во клетви, како една во „Тимон Атињанинот“, кој ги колне своите непријатели со „нека чумите ги крунисаат“. „Крал Лир“ е уште поексплицитна. „Магло, носителке на чума“, вели Лир во една сцена, асоцирајќи на вообичаената теорија дека болеста може да се пренесува преку воздух. А на својата ќерка Гонерила ѝ се обраќа со: „Чума си ти! Проклетството татково сетило по сетило да ти земе!“
Да немало чума, а пабовите и театрите да биле отворени, можеби „Лир“ и другите драми на Шекспир напишани во изолација никогаш немало да ги биде. А чумата ќе останела само апстрактна метафора, чија разорна моќ само би се насетувала.