Фрлање јадица во мирно езеро, рачно правење стрели, купување свеќи од блиското гратче, и запишување на сето тоа во дневник додека во позадината се слушаат природни звуци - ова е содржината на она што повеќето страсни играчи ни на крај памет не би го нарекле „видео игра“.
Но колку и да звучи едноставно, „Валден“ е развивана цела деценија. Таа е симулација во прво лице на животот на американскиот филозоф, а почнува летото 1845 кога Торо се повлекол во природа, обидувајќи се да опстане сам. Истото треба да го направи и играчот, минувајќи низ текстот на книгата како да е самиот автор.
Креаторот на играта, Гејм Иновејшн Лаб при Школата за кинематографска уметност на Универзитетот во јужна Калифорнија, на својот сајт вели дека има повеќе причини зошто делото на Торо би ни значело денес - од еколошка свесност, до критиките на начинот на кој технологијата ги менува нашите животи, но и како преиспитување на устројството на современото општество. Експериментот на Торо да батали сè и да живее вон вообичаените стеги е експеримент кој следејќи ги неговите стапки го преземаат сè повеќе луѓе, но уште повеќе сонуваат за него без да се осмелат да излезат од магичниот круг. Оваа игра може да ни го даде тоа чувство на (барем моментална) слобода, но и реално да нè подготви за моментот кога можеби ќе се одлучиме на таков чекор.
За новите генерации за кои „Валден“ е можеби претешка литература, напишана на 19-вековен англиски, играта може да биде понепосреден начин да се запознаат со идеите на Торо. Таа во широка продажба ќе чини 19,99 долари и за нејзино завршување се потребни 6 часа. Во тој период можете да си садите грав, да изградите колиба или да си правите муабет со другарот на Торо, Ралф Валдо Емерсон.
Во играта не можете да загубите живот, но има други финти. Кога ќе се уморите или нема да си овозможите доволно време за размислување, таа предупредува: „Инспирацијата ви е многу ниска. Можете да ја надоместите со читање, наслушнување звуци во далечина, уживање во осаменоста и дружење со животни и луѓе“. Ако не го послушате овој совет боите ви се замаглуваат и музиката се стишува.
Поучно, нели?
За изданието на „Валден“ на македонски тука