Марија Гаетана Агнеси, родена во 1718, била дете-гение. Ја викале „одечки полиглот“, бидејќи до својата 13 година зборувала седум јазици, а имала и голема дарба за математика.
Нејзиниот богат татко ја поддржувал во желбата за учење, па дури и претерувал - организирал интелектуални забави („салони“) на кои таа била главната атракција. До својата дваесета година таа можела да води дискусии на филозофски и математички теми со врвни мислители, и владеела со нешто што тогаш важело за типична „машка“ техника на академско расправање.
Марија најверојатно не уживала во сето ова - била срамежлива и сакала да се замонаши. Откако умрела мајка ѝ го презела раководењето со куќата, и почнала да води поповлечен живот. Во текот на овој период го напишала делото „Аналитички институции“, најпрвин како учебник по кој требало да учат нејзините помлади браќа. Но книгата почнала да се развива: на крај таа имала 1000 страници и два тома.
Напишана со поддршка на водечки математичари, таа истражувала тогаш актуелни математички идеи од целиот свет, до кои имала пристап заради познавањето странски јазици. Токму во оваа книга се наоѓа и описот на една крива (илустрација долу), најпрвин проучувана од славните математичари Пјер де Ферма и Гвидо Гранди на почетокот на 18 век.
Во верзијата на Агнеси нејзиното име нема никаква врска со вештерки. Но во превод на англиски на делото од страна на професор по математика од Кембриџ, Џон Колсон, кривата се среќава под името - „Вештерката Агнеси“. Се работи - иронично - за погрешен превод на терминот averisera (синусна крива, од латинското vertere - се врти) од оригиналот, прочитано и сфатено како avversiera (вештерка или жена на злото). И 250 години подоцна, во математичките учебници кривата се уште се вика така, и се користи како статистичка алатка.
Иронијата со погрешниот превод е двојна, не само заради одличното познавање на странски јазици на Агнеси, туку и затоа што таа била токму спротивното од некаква зла жена - четири години по завршувањето на нејзината книга умрел татко и’, и таа сега веќе била слободна да се предаде на она што отсекогаш го сакала - го поминала остатокот од животот работејќи за старите и изнемоштените, особено за жените, и умрела во самоизбрана сиромаштија.
Извор: Смитсонијан