Во една од своите прекрасни колумни во „Новости“, Синан Гуџевиќ пишува за феноменот на корзото, кое денес е повеќе колективен спомен и минато на Балканот. Конкретно, станува збор за новопазарското корзо и неговите ликови. На пример Сејдо со прекар „Џеназе“, санџачки облик за пораширеното „џеназа“ или погреб. Сејдо, имено, бил болешлив, одел бавно како што се оди во погребна поворка, а притоа рацете ги држел прекрстени една преку друга на стомакот. Се зборувало дека со истиот чекор одел и на свадба и на пазар, и на стрмно, и на рамно.
Но главен лик во приказната е сепак Вехбо Маљевац, за кого неговите сограѓани велеле дека е највисок во Југославија, па во еден период дури и во Европа. Бил висок меѓу 2,29 и 2,34 метри, но не многу среќен со оваа „дарба“ поради која имал куп неволји. Кога патувал на подолги релации со автобус морал да се смести на две седишта, да се „пресвитка како ќилим“.
Еднаш, кога пристигнал кај роднини во Стамбол, локалците излегувале на прозор, бргу се проширил глас каков горостас им доаѓа на гости. Роднините му се израдувале, и му направиле долга импровизирана постела. Рано наутро, додека Вехбо спиел, неговиот мал внук му ја видел чевлата број 56, па ја однел во првата кафана. Им ја покажувал на луѓето молејќи ги да дадат малку пари за роднината, затоа што тој мора да има посебна чевла, еве волкава, а оваа му е стара. И луѓето ставале пари, полнејќи ја со турски лири.
„Маљевац“ и до денес е останат прекар за дете кое одеднаш оди во висина. Вехбо одел бавно, поинаку од другите, понекогаш од далечина изгледало дека ќе падне, но и тогаш веројатно некој би стигнал да го фати, бидејќи тој што бавно оди, споро и паѓа.
Негово алтер-его бил џуџето Мишо, со прекар „Мали“ а со презиме Губериниќ. Бил велемајстор во зашивање на некогашните фудбалски топки „бубамари“. Тоа биле скапи топки од кожа, но кога ќе се натопеле конците што ги држеле петоаголниците и шестоаголниците тие слабееле и се кинеле. Се знаело дека ако Мишо Мали го зашие големиот фудбал тој ќе биде подобар отколку тазе произведен во комбинатот Спорт. Кога еднаш некој го зафркавал дека со иглата личи на мравка што носи сламка, Мишо му рекол: „Добро што се сети на таа мравка: ако некогаш ти пукне фудбалот да си го однесеш кај таа мравка да ти ја сошие“.