Како и секој тазе родител, Џек Гилберт бил преплавен од совети како да си го гледа детето: од тоа дали и кога да му дава антибиотици, до тоа колку често да му ја стерилизира цуцлата. Но по информацискиот хаос со првото дете, кога дошло на ред второто тој одлучил самиот да провери што е вистина а што не во врска со ризиците со кои се соочуваат современите деца во контакт со околината.
Со оглед на тоа што човекот е истражувач на микробни екосистеми на Универзитетот Чикаго, ова му дошло како дел од професионалната работа. Со уште двајца автори, тој своите резултати сега ги објавува во нова книга, под наслов „Нечистотијата е добра: предноста на бацилите во развојот на имуниот систем на вашето дете“. Конципирана во формат на прашања и одговори, таа се обидува да одговори на голем број прашања кои Гилберт ги добивал од родители загрижени за безбедноста и здравјето на нивните деца.
Една од главните грешки според него е прекумерното стерилизирање на околината со разни средства за чистење, антибактериски марамчиња и гелови, како и преку одбегнување контакт со животни. Луѓето кои се згрозуваат од тоа куче да го излиже лицето на нивните деца не би требало да креваат толкава паника околу можната штета, која е многу поголема ако детето расте под стаклено ѕвоно.
И таканареченото правило на пет секунди, идејата дека ако нешто падне на земја и таму остане помалку од наведеното може да се смета за чисто, според авторто е мит. На микробите им требаат милисекунди да се стават на парче леб со џем, на пример. Но освен ако лебот паднал на место за кое се знае дека е високо ризично од екстремно опасни патогени, што го исклучува речиси секој модерен дом со основна санитарна инфраструктура, ризик не постои.
Што се однесува до цуцлите, советот е - не ги превривајте, туку излижете ги. Студија со над 300.000 деца покажала дека оние чии родители го прават ова и едноставно ја враќаат цуцлата во устата на малите заболувале од помалку алергии, астма и егземи. Всушност, драстичниот пораст на алергии меѓу другото се должи на обидот прекумерно да ги заштитиме децата. Имуните системи им се станати хиперсензитивни, а малите „војници“ - клетките во телото наречени неутрофили, кога се оставени без работа се свртуваат против организмот, а кога пак ќе сретнат пак нешто што е туѓо, како честичка полен, стануваат екстремно агресивни.
„Овозможете му на детето да го искуси светот“, е советот на Гилберт. Сè додека децата се редовно вакцинирани, нема закани, напротив, тие можат да пораснат посилни заради отвореноста на нивните организми на надворешни влијанија.