Дали е во ред да се адаптираат класични дела?

„Валден“ за 21 век

Еден човек врз кого славното дело на Торо извршило големо влијание, сака да ја преведе и тоа од англиски - на англиски. Неговата цел: да им ја приближи оваа книга напишана на 19-вековен јазик и на новите генерации.

„Валден" (за којашто во Букбокс читанка пишувавме тука), прв пат објавена во 1854, е еден вид дневник, којшто Хенри Дејвид Торо го водел две години, два месеца и два дена додека живеел во колиба кој самиот ја изградил крај езерото Валден, близу Конкорд, Масачусетс. Таму си цепкал дрва, си одгледувал грав, ловел риба, дремел на сонце, и во меѓувреме лежерно пишувал за нуспојавите на индустријализацијата, неправедноста на даночниот систем и потребата од самоодржливост. Осамувањето и враќањето кон природата како некој вид духовно патешествие, лична декларација на независност и тивок анархизам - сите овие идеи би им биле привлечни на голем број луѓе што живеат во нашиов, 21 век. Би им биле, кога би можеле да го разберат јазикот на којшто е напишана оваа книга.

„Најдобрите книги се вонвременски, но јазикот во последниве два века толку има еволуирано што тие не се привлечни за современиот читател", вели Мет Стил, дизајнер и писател, кој на Кикстартер почна кампања за собирање средства со кои тој ќе ја адаптира неговата омилена книга без да ги вулгаризира идеите на Торо. Така неговото најпознато дело ќе биде и читано, а не само површно цитирано по социјалните мрежи и по собири на еколошки освестени граѓани, кои можеби носат маички со ликот на Торо и се колнат во неговите ставови, но всушност никогаш не успеале да го прочитаат.

 

Тој на сајтот нуди и пример за тоа како мисли да го адаптира текстот, што звучи малку како обид за модернизирање на Шекспир. Додека едни се скандализираат од ваквата помисла, други сметаат дека тоа е единствениот начин овие автори да продолжат да бидат релевантни и за новите генерации. Адаптацијата подразбира превод на латинските и старогрчките референци, замена на архаизмите со денешни изрази, менување на одамна заборавените имиња на места со оние кои се користат денес поделба на долгите реченици на повеќе пократки и сл.

Доколку овој проект му успее, Стил планира да адаптира и други класици. Засега сепак се концентрира на собирањето повеќе од 100,000 долари за печатење 2,000 „нови Валдени" во тврд повез, богато илустрирани. Доколку кампањата вроди со плод, првите копии би излегле пролетта 2017.

17 февруари 2016 - 08:39