Аниш Капур, британско-индиски скулптор, наградуван со речиси сите позначајни признанија од областа на уметноста, меѓу кои и со титулата витез, е најновиот избор на уметник кој ќе постави свои скулптури во градината на Версај, палатата изградена од кралот-сонце Луј 14ти, која го симболизира крајот на монархијата и Француската револуција.
Капуровата збирка огромни инсталации ќе биде отворена следната недела, но веќе се смета за кутурен настан на годината, бидејќи ова е прв пат современ уметник поканет да изложува во Версај навистина да чепне во крвавата историја на револуцијата.
Но една од инсталациите, со наслов „Мрсно ќоше", стана контроверзна откако нејзиниот автор ја опиша како „вагина на кралицата". Монументалниот, мистериозен метален отвор - инсталиран така за да гледа кон плататата - отвори дебата за тоа: 1) дали воопшто личи на вагина, 2) дали конкретно личи на онаа на гилотинираната Марија Антоанета.
Критики пристигнуваат од сите страни, но разбирливо главно од десничарската партија на Саркози, од кадешто е и градоначалникот на Версај и член на парламентот, Франсоа де Мазиер, кој на Твитер коментираше дека Капур со своето дело 'се лизнал' на зелениот тепих. Од друга страна Фигаро му аплаудира на шоуто, кое според него ќе донесе повеќе посетители во инаку здодевниот замок.
Капур е истовремено и првиот уметник кој инсталирал дело во просторијата за игри во замокот, тн. Jey de Paume, каде некогаш се играла рана форма на тенис, но кое е и место каде е срочен основачкиот документ на француската демократија, Уставот од 1789. Тој тука поставил топ од кој блика црвен восок, метафора на крв, но кој според авторот е и „јасен фалички симбол". Другите скулптури се состојат од ровови, искривувачки огледала и големи површини со вода, кои се далеку од тоа да бидат само декоративни.
Овој уметник стана популарен во Франција особено по 2011, кога во Париз ја постави инсталацијата од ПВЦ „Левијатан", којашто ја посвети на Аи Вевеи. Првиот пак современ уметник кој беше поканет во Версај во 2008 беше „кралот на кичот" Џеф Кунс - тогаш протестите се однесуваа на неговите огромни јастози и напумпани зајаци, а реакции имаше и за следниот версајски гостин, јапонскиот уметник Такаши Мураками. Со еден збор - на Французите, исто како и нам, им пречи сè што не е барок.