Мира Алфаса, или како што подоцна ја нарекле нејзините следбеници, „Мајката“, се родила во 1878 во Париз во богато еврејско семејство. Во младоста, додека студирала сликарство, се интересирала за окултизмот, тврдела дека има визии и дека во нив се појавува човек со „темна азијатска фигура“, обвиткан во бела наметка, кого го нарекла „Кришна“. Ова ја поттикнало повеќе да се запознае со хиндуизмот, читајќи ја Бхагавад Гита на француски.
Нејзиниот сопруг, Ричард, кој имал политички амбиции, во 1914 се кандидирал за францускиот сенат во Пондичери, Индија, тогаш француска колонија. Првичната кандидатура пропаднала, но при второто патување тој со себе ја зел и жена си. Таму таа го сретнала Шри Оробиндо, мистична фигура во кого го препознала човекот од своите соништа. Оваа судбоносна средба завршила со тоа што Мира и Ричард се развеле, а таа почнала да живее со својот духовен водач и да го организира животот во неговото домаќинство, заедно со секојдневието на членовите на заедницата, која во тоа време броела 85 души. Тие практикувале нешто што се нарекувало „интегрална јога“, варијанта во која од посветените не се барало аскетски живот и одрекување од земните задоволства, туку практикување духовност во секојдневието.
По смртта на Шри Оробиндо „Мајката“ ги продолжила сите активности во ашрамот, кого во 1950-тите го посетиле и Нехру, првиот премиер на Индија, и неговата ќерка, Индира Ганди, која толку се спријателила со Мира што двете останале во контакт со години.
Во еден од бројните списи на Мира, под наслов „Сонот“, таа предлага место на земјата кое не припаѓа на ниту една нација и кое би функционирало по принципот на самоорганизација и солидарност. Сонот набргу почнува да се остварува - на 28 февруари 1968 на инаугурацијата на „Градот на зората“ или Оривил (со двојно значење - од француското „аурора“ и според водачот Оробиндо) се присутни претставници од 124 нации, индиски политичари и делегати од УНЕСКО. Објавен е и некој вид „устав“, рачно напишан од Мајката со само четири точки, меѓу кои тоа дека Оривил не му припаѓа никому посебно; дека за да се живее во него треба да се биде лојален слуга на Божествената свесност и дека Оривил ќе биде место за непрекинато образование, прогрес и младост која никогаш не умира.
Среде градот се наоѓа Матримандир, еден вид кружна купола во која смее да се престојува само молчејќи. Целата област околу куполата е наречена Мир. Наоколу се протегаат четири зони - резиденцијална, индустриска, културна и меѓународна. Најпрвин градот се самоорганизирал, но по смртта на Мира во 1973 почнале големи проблеми и контроверзи (меѓу кои и нерасчистени смртни случаи и обвинување за сексуално малтретирање деца), по што во 1980 со посебен акт градот го презела владата на Индија.
Целиот дизајн на градот е на архитектот Роџер Енгер, а тој бил наменет за 50.000 жители. Во првите 20 години само 400 поединци од 20 земји живееле тука. Следните 20 бројoт пораснал на 2000 од 40 земји. Во пописот од декември на страницата на градот на Википедија од 2021 се наведени и четворица Македонци.