Шерил Киршенбаум, убава девојка со живописно презиме, е авторка на книгата „Науката на бакнувањето: што ни кажуваат нашите усни", која ја истражува историјата и разновидноста на нашето сетилно „општење" со саканите.
Една од нејзините омилени историски анегдоти поврзани со бакнувањето е од книгата „Дивата Африка" на британскиот истражувач Вилијам Винвуд Рид од 1864, во која тој опишува како се заљубил во убава ќерка на некој африкански крал. Откако ја бркал неколку месеци, конечно се одлучил да ја бакне. Но девојката, која никогаш претходно не се сретнала со вакво нешто, почнала да вреска и панично му избегала. Дури подоцна тој дознал дека принцезата го протолкувала бакнежот како негова намера да ја изеде.
Ново истражување објавено во American Anthropologist покажува дека само 46% од културите се бакнуваат уста на уста, онака како што повеќето од нас денес го препознаваат романтичниот бакнеж. Тоа е во спротивност со досегашните тврдења на антрополозите дека ваквото однесување е речиси универзално. Затоа изгледа дека е потребно бакнежот да се редефинира.
Дарвин во неговата „Изразување на емоциии кај човекот и кај животните" од 1872 прави разлика помеѓу бакнување усни на усни и различни „бакнувачки однесувања", забележувајќи дека триењето носеви и слични практики кои вклучуваат допири на лицето, рацете и нозете на другите се знак за инстинктивна потреба по „задоволство од близок контакт со саканата личност".
Антрополозите, по дефиниција врзани повеќе за културата отколку за биологијата, сметаат дека бакнежот е културен елемент, кој (јасно) не мора да има врска со репродукција. Антропологот Дон Маршал опишал народ кој живее на пацифичкото острово Мангаја, во кој мажите на возраст од околу дваесет години имаат 21 оргазми неделно, без ниту еднаш да се бакнат во уста со партнерката (барем до доаѓањето на Европејците).
Најбизарниот „бакнувачки" обичај е сепак оној кој го забележал Бронислав Малиновски во 1929 на Тробријандските острови близу Нова Гвинеја. Според него љубовниците си ги гризеле трепките во текот на интимност и оргазам, иако тој „никогаш до крај не ја сфатил сензуалната вредност на ваквата постапка".
И други антрополози, кои работеле во Полинезија, Мадагаскар и Африка, го опишале европскиот бакнеж како непознат за народите во овие области, што за некои од нив било доказ за нивната варварска природа.
Првиот пак книжевен доказ за постоењето на бакнежот датира од пред 3,500 години, и се наоѓа во ведските индиски текстови. Таму не постои посебен збор за бакнеж, но се зборува за љубовници кои се допираат уста на уста и за маж кој „ја пие влажноста од усните" на некоја робинка. Од тука натаму можат да се следат историските описи на бакнежите во сите епохи, па до нашата.
Денес обичаите за тоа кого, како и колку пати треба да го бакнете во различни социјални ситуации се различни. Додека во некои култури дури и непознат човек може да ви се збрца во лице и да почне да ве лигави, во други како знак за добро воспитување се подразбира само ракување. Сепак, според авторката, и покрај ова бакнежот е универзален јазик, кој иако има различни форми сепак останува единствената хуманизирачка практика која ја споделуваме.
За инспирација, на жешково: