На 5 јули 1945, францускиот уметник Жан Дубуфе, поборник на таканаречената „ниска уметност“ и основач на движењето Арт Брут, заминал за Швајцарија во придружба на уште двајца Французи, издавачот Жан Полан и архитектот Шарл-Едуар Жанере, попознат како Ле Корбизје. Патувањето било организирано од Швајцарската туристичка асоцијација, со надеж дека овие видни луѓе ќе се вратат во Париз со нова визија за Швајцарија. Пол Бодри, амбасадорот на француско-швајцарскиот туризам, им организирал престој во врвни хотели, тури по планини и ливади и сето останато што би подразбирал еден луксузен престој во оваа земја.
Но Дубифе воопшто не бил заинтересиран за сето ова. Тој одлучил да ги посетува психијатриските болници и установи и таму да собира различни цртежи и колажи. Ова тој веќе почнал да го прави во Париз, откупувајќи дела од луѓе за кои се сметало дека се ментално болни, но токму во Швајцарија, поточно во во нејзините институции од ваков вид, го собрал она што подоцна ќе стане познато како негова колекција.
Се издвоил од групата и најпрвин ја посетил болницата Валдау, близу Берн, каде со помош на докторите дошол до уметничките дела на Адолф Волфли, сексуално малтретиран сирак кој пред да биде затворен во болницата и самиот станал насилник. Неговото ремек дело на 25.000 страници комбинирало текстови, цртежи, музички композиции и колажи кои ја претставувале приказната на неговото детство и фантастичната, митолошка иднина за која сонувал. Дубуфе веднаш ја препознал брилијантноста на талентот на овој човек. Неговиот пријател, надреалистот Бретон, кога ги видел цртежите ги нарекол „едно од трите или четири најзначајни дела на дваесетиот век“.
Во друга установа во кантонот Берн, Дубуфе исто така дошол до делото на Ханрих Антон Милер, илустратор кој страдал од тешка депресија, чиј стил потсетува на Кле или Шагал, но позајмува и од швајцарскиот фолклор и од средовековната уметност. Без познавање на историјата на уметноста, Милер си играл со концепти, како во ова толкување на библиската приказна за Адам и Ева, според кое таа во раката држи грозје наместо јаболки, и е бремена.
Овие, и уште дела до кои дошол на пациенти болни од шизофренија или убијци со психијатриски дијагнози, Дубуфе ги донел во Париз, но неговите колеги, освен „аутсајдерите“ или надреалистите, не биле воодушевени. Две години подоцна, во 1947, тој го напишал Манифестот на движењето, промовирајќи ја естетиката која сметал дека е игнорирана од мејнстрим уметноста. Сепак, и ова не помогнало многу - делата кои ги собрал во Франција и Швајцарија биле изложени само два пати во Париз. Иако не го постигнал она што го посакувал, промена на свеста на јавноста за вредноста на овие дела, тој сепак инспирирал многумина, меѓу кои режисерот Жан Кокто и антропологот Клод Леви Строс. Оваа уметност тој ја нарекол „сирова“ затоа што според него таа доаѓала директно од душата, во нејзината најчиста форма. Тоа се дела создадени во осаменост и како резултат на автентични креативни импулси, без мотиви поврзани со слава, општествена промоција или пари, и оттаму многу поскапоцени од оние на професионалците, кои самите си го загушуваат изразот.
Потсетувајќи на оваа приказна, зимава во куќата на Виктор Иго која француската влада ја откупи и реновираше во 2013, се одржува изложба на четири европски збирки создадени од ментално болни пациенти, вклучително и онаа на Дибуфе. Наречена „Лудило на умот“, таа не содржи ниту еден познат уметник. Всушност, повеќето од нив се сосема анонимни. Се смета дека ова е најзначајната изложба која се одржала во главниот град на Франција со години. Целта е да се покаже како ваквите „примитивни“, „несофистицирани“ изрази всушност директно ја хранат мејнстрим културата.
Дури и кај „истакнатите“ уметници постои врска помеѓу креативноста илудилото - тие според статистиките има шанса да заболат од болести поврзан исо депресија десет до триесет пати повеќе од „обичната“ популација. Поетите се особено подложни на психијатриски синдроми и болести, особено биполарни пореметувања и депресии. Иако болестите не се услов за креативност, тие изгледа го придружуваат креативниот ум.
Сепак, и митот за „измачениот уметни“ може да биде опасен. Креативноста сепак бара дисциплина и долги периоди на енергичност и фокусираност. Успешните уметници обично следат релативно ригидни распореди, или како што велел Флобер, се трудат да бидат дисциплинирани во животот за да можат да бидат откачени и оригинални во своите дела.
Врската, значи, помеѓу лудилото и креативноста постои, но не е баш толку романтична како што обично се претпоставува. Една од приказните кои го илустрираат ова, поврзана со спомнатата изложба, е следнава: Карл Шнајдер, кој со години раководел со една од збирките на уметност создадена од ментално болни пациенти, за време на Втората светска војна бил назначен од нацистите да раководи со тн. Т4 програма, наменета за „истребување на физички и ментално хендикепираните возрасни“. Вистинско чудо е што збирката го преживеала тоа лудило.