Летајќи над Тихиот океан, писателот и уметник Даглас Купланд ја прашал стујардесата зошто безжичниот интернет во авионот е толку брз. Му одговорила дека тоа мора да биде така: кога се на интернет патниците не го чувствуваат минувањето на времето, и тоа е подобро отколку да спијат.
Купланд сугерира дека во 21 век минуваме низ фаза на неврална реконфигурација. Во 1019, вели тој, луѓето добивале три и пол допамински дразби дневно. Допаминот е невротрансмитер наречен „Ким Кардашијан на молекулите“ од страна на британскиот клинички психолог Воган Бел - тој создава чувство на задоволство и нè мотивира да го повториме специфичното однесување.
„Илјада години подоцна, добиваме безброј допамински дразби дневно. Делот од нашиот мозок кој ја регулира перцепцијата на времето е толку пренапрегната и уморна, што прави нашето чувство за минато, сегашност и иднина да се претопуваат“, вели Купланд.
Нова изложба во Сомерсет Хаус во Лондон, која се отвара утре, 31 октомври, е под наслов „24/7: повик за будење во нашиот нон-стоп свет“. Таа ја истражува оваа култура во која спиеме помалку, конзумираме содржини преку екрани во секое време, дисконектирани сме од околината, а секоја наша интеракција се складира и може да се предвиди.
На изложбата биле поканети педесет уметници, кои требало да ги опишат причините и последиците за ваквата состојба. Некои од нив учествувале во студија за неспиење, живеејќи во лабораторија 10 денови без природна светлина или знаење за тоа колку е часот. Други, како Купланд, создале серија постери, наречени „Слогани за 21 век“. Меѓу нив се: „Објаснете ми ги часовниците на некој од 1304“, или „Шопинг во тек на спиење е фасцинантна идеја“.
Најстарото изложено дело е на Џозеф Рајт, чија слика „Погоните за памук на Аркврајт ноќе“ (горе) е еден од првите прикази на работењето 24 часа на ден, 7 денови во неделата, кое почнало да се наметнува со индустриската револуција. Инспирација за авторите е и истражување на вид ластовица која може да остане будна две недели во текот на миграцијата. Американското министерство за одбрана финансирало студија за проучување на природните механизми на будност на птицата, а целта била да се произведе војник кој може да остане на нога цели седум денови.
На изложбата ќе може да се спие во бакарно ќебе кое овозможува да се слуша и да се гледа наоколу, но истовремено да се биде заштитен од електромагнетни сигнали. Ќе има и медитативна комора за изолација, наречена „Палата на животот“ (Чајна соба) во која посетителите ќе можат да го следат минувањето на времето преку трепкачки ЛЕД светилки. И куп други можности човек да се наспие, а истовремено оправдано да каже дека бил на изложба.
Повеќе за настанот тука