Романот „Улица на кошмарите“ бил напишан на крајот на 1938 и почетокот на 1939 во село близу Валенсија. Таму нејзиниот автор, Вилијам Линдзи Грешам, еден од меѓународните волонтери кои дошле во Шпанија за да учествуваат во тамошната Граѓанска војна, очекувал репатријација. Пиејќи по кафани запознал човек, Џозеф Даниел Халидеј, кој му кажал нешто што го шокирало: за морничава атракција наречена „гик“, циркуска точка која ја изведувал бездомник-алкохоличар кого циркускиот сопственик го намамил и го чувал полошо од животно. Кулминација на неговиот „настап“ бил одгризување на глави на кокошки и змии, само за да ја добие дневната доза алкохол. Бил Грешам тогаш имал само 29 години и приказната почнала да го опседнува. За да се ослободи од неа решил да ја запише.
По своето враќање од Шпанија Грешам почнал да страда од психолошки проблеми, најверојатно поттикнати од војната. Се внел во психоанализа, еден од многуте начини на кои се обидел да излезе на крај со своите внатрешни демони.
Токму додека ја пишувал „Улица на кошмарите“, Грешам станал фасциниран и од таротот, којшто го открил кога од Фројд се свртел кон рускиот мистик П. Д. Успенски.
Всушност ова и не би го сметал за застранување, доколку знаел за говорот кој Фројд го одржал на конференцијата на Централниот комитет на Меѓународното здружение за психоанализа во септември 1921. Фројд таму изјавил: „Веќе не е можно да се маргинализира прочувањето на таканаречените окултни факти; нешта кои го докажуваат постоењето на психички сили вон оние познатите поврзани со човечката и животинската психа, и кои откриваат ментални способности во кои до сега не верувавме“.
Гришам го користел таротот за да ја структурира својата книга. Отвора со „Лудакот“, картата која нема број, а затвора со „Обесениот човек“. Но психоанализата е сепак присутна, преку ликот на зла психотерапевтка, каква нема во целата историја на книжевноста.
По објавувањето на книгата тој изјавил дека шестте години терапија истовремено и го спасиле и го уништиле. Со оглед на постојаната анксиозност, маката на одгледување мали деца во мали простории и уредничката работа со којашто се занимавал за малку пари, тој постојано пиел. А според него, Фројд не можел да помогне кога станува збор за напреден алкохолизам.
Кошмарите кој самиот ги имал се вградени во атмосферата на книгата, а нивната убедливост ги вадела од памет читателите. Некои од ликовите, како оној на „дивиот човек“ кој одгризува глави на живи кокошки станал и инспирација на популарна песна на бендот на Нет Кинг Кол од 1947.
По нејзиното објавување, „Улица на кошмарите“ била и славена и успешна книга, но и забранувана и цензурирана, и тоа буквално - уредниците на издавачките куќи го менувале нејзиниот текст, па реченица како „елитни дами со гонореа, банкари кои се е*ат во газ“ реченицата гласела „елитни дами кои се на лекови, банкари со змиски очи“.
Но животот понекогаш ја надминува фикцијата. Шеснаесет години подоцна во септември 1962, во хотелска соба на Тајмс сквер било откриено безживотното тело на Грешам. Кај него е пронајдена визит карта:
Според книгата се снимени два филма, едниот од 1947:
И најновиот на Гиљермо дел Торо: