Среде интензивните битки кои избувнале северо-западно од Киев на 25 февруари, во текот на руската инвазија на Украина, бил запален Историскиот музеј на селото Иванкив. Следеше барање на украинскиот министер за култура, Олександр Ткаченко, Русија да го загуби членството во УНЕСКО.
Се уште не е потврдено колку артефакти го преживеале пожарот, но помеѓу уништените наводно се наоѓаат 25 дела на славната украинска уметница Марија Примаченко, која почина во 1997, на возраст од 88 години. Фасцинирана од народното визуелно творештво на Украина (вклучително и народните мотиви на везови и ткаенини), таа на него надоврзувала сопствени откачени приказни, како коњи кои патуваат во вселената, селани кои се борат со огромни змии или слонови кои копнеат да бидат морнари. 650 нејзини дела се наоѓаат во Националниот музеј на украинската народна применета уметност, во блискиот Киев.
Примаченко е родена во селото Болотнја во киевската област, на само 30 километри од Чернобил. Завршила четврто одделение пред да заболи од полио, поради што поголемиот дел од времето го поминувала дома. Мајка ѝ ја научила да везе, а нејзиниот уметнички талент бил препознаен од локална уметница која ја поканила на експериментална работилница во Киевскиот музеј на украинска уметност во 1935.
Паралелно со ова, минала две операции, по кои почнала самостојно да се движи. Таа и таткото на нејзиниот син не стигнале ни да се земат пред тој да биде регрутиран во Втората светска војна. Бил убиен на фронт во Финска, а пак братот на Примаченко бил убиен од нацистите. Таа се вратила во Иванкив и работела на колективна фарма. Нејзиниот син, како и внуците, исто како така станале наивни уметници. Сепак нивната мајка, односно баба, била ѕвездата во семејството - ги добила највисоките признанија во својата земја, а УНЕСКО ја прогласила 2009 за година на Примаченко. Во Киев има и булевар со нејзиното име.
Се вели дека откако Пикасо ја видел нејзината изложба во Париз изјавил: „Се поклонувам пред уметничкото чудо на оваа брилијантна Украинка“.