Приказната оди отприлика вака:
Твитерџијата Џото (фотограф, фан на Јунајтед, велосипедист, со Калвин од Калвин и Хобс на хедер), вознемирен од тоа што негов познаник паднал на глава од точак, заглавувајќи се на улична решетка, решава да преземе нешто во врска со овие несоодветно дизајнирани дренажи. Фотографира една таква во средно Нерези, и на Твитер ја пинга надлежната општина Карпош.
Тие го игнорираат.
Тој менува тактика.
Како асоцијација на тоа што локацијата на дренажнава решетка е Нерези, Џото во повеќе продолженија почнува да ја твита „Во доцна пролет кон Нерези“ од Гане Тодоровски пингајќи ја општината.
Ја прекуцува цела во неколку твитови, но одговор нема.
Продолжува со „Ноќ без интерпункција“ од истиот автор. „Кон брегот бродиме Ние, – осамените патувачи…Разнишана умората боли! Бараме начин повторно да се родиме повторно в зорите голи. А мислите разголени треперат; врз кожата на ноќта немир гребе...“
Уште не стигнал ни до пола песна, општина Карпош одговара, веројатно свесна дека човеков не мисли да престане. Следниот ден решетката е направена како што треба. Следи благодарност од упорниот барател, но и поетска правда - скен од песната до крај, да не биде дека ги оставил без да знаат како завршува.
Ќе речете една решетка де, не е кој знае што. Но и твитање поезија не е баш јуриш со голи гради на непријателски бајонет. Напорот е мал, ама ефектот голем, во вид на идни нескршени велосипедски глави.
Туку, сигурно ова не е единствената мала победа која поезијата може да ја извојува. #ПритисниГиСоСтих може да биде генерички хаштаг за обраќање до тврдоглави институции и поединци, кога од нив се бара нешто нормално и човечки. Еве предлог за пингање на кој и да е надлежен за продолжување на саатницата до која може да се купи алкохол во земјава - „Пијанство“ од Владислав Петковиќ - Дис. Излегуваат некои дваесетина твитови од ова. Плус содржи и образложение на барањето - дека човек не пие од аздис, туку од длабоко филозофски мотиви, за кои не важи дали е 19 часот, 21 или рано сабајле.