Колку и да звучи чудно, класичните грчки трагедии и денешните турски, шпански и други серии, имаат всушност многу слични карактеристики. Во „Поетика“, едно од најстарите дела кое се занимава со драмска теорија (попрецизно со теорија на трагедијата), Аристотел тврди дека за да биде убедлива, драмата мора да има неколку карактеристики: таа мора да предизвикува „трагичко задоволство“ или катарза кај гледачот, која е резултат на страв и сочувство. Ликовите мора да имаат најмалку четири карактеристики: да се добри, соодветни („на место“), реалистични и конзистентни. Некаде во заплетот мора да се случи „перипетија“ - промена со која дејството преминува во сопствената спротивност. „Анагнорисис“, пак, или „сознание“ е момент во делото кога некој лик открива нешто суштински важно за понатамошниот тек на настаните, „премин од незнаење кон знаење, кој предизвикува љубов или омраза помеѓу ликовите“.
Истите овие елементи се оние кои ја прават успешна и една сапунска опера. Се разбира, не е доволно само да „посолиш“ приказна со неочекувано бремени љубовници или со „воскреснати“ сопрузи за таа да стане популарна. Пресвртите се онолку убедливи колку што органски изникнуваат од основната нарација, односно од поширокиот контекст на приказната.
Во дејството, вели Аристотел, не смее да има ништо нерационално. Ако има, тоа се доживува како нешто апсурдно, изнасилено и неубедливо. Како совршен пример за преплетување на ефектите на перипетија и анагнорисис Аристотел ја наведува драмата на Софокле „Кралот Едип“, во која откривањето на вистинскиот идентитет на таткото на Едип, и особено на неговата жена (односно мајка), истовремено и ја шокираат публиката, но и прават тие да го жалат главниот лик и неговата трагична судбина.
Се разбира овие принципи не важат само за навидум површните серии, туку и за голем број други уметнички дела (книги, филмови). Сепак, помислете на Аристотел следниот пат кога ќе ја исмевате содржината на (на пример) „Кога љубовта боли“.