„Тука ѓубрето е спакувано како да е свадбен дар“ - патеписите од Швајцарија на Десанка Максимовиќ

Во Народната библиотека во Србија е отворена изложба по повод 125 години од раѓањето (16 мај 1898) на поетесата чии стихови од „Крвава бајка“ ги памтат оние кои се образуваа во поранешна Југославија. Истовремено, се навршуваат и три децении од нејзината смрт, на возраст од 95 години. На своето последно патување била во Швајцарија, од каде донела и репортажи кои до сега беа малку познати.

На возраст од 79 години, српската поетеса Десанка Максимовиќ заминала во Швајцарија каде живеел нејзин роднина. И покрај одминатата возраст таа уживала во новите искуства, на пример во транспортот во оние „лушпи од стакло и лим кои лизгаат по жицата“ и кои носат до највисоките снежни врвови.

Во убавите градови и села во Хелвеција постојано се потсетува на татковината. Во продавница за свила ќе се сети на дуќанче на извесна Ружа Коен во Ваљево кој мирисал на влага и евтин фланел. Роднината сака да ѝ ги покаже трговските центри, „достигнувањата на цивилизацијата“, но тоа неа не ја интересира ниту пак ја импресионира. Некоја градина со вештачко цвеќе уште помалку, па не без иронија забележува дека во неа единствено го нема цвеќето пркос, затоа што „е тешко да се имитира калдрмата, вистинската средина кадешто тој расте“. Ја воодушевува она што не може да го поништи ниту една цивилизација: ледените врвови, планинските превои и познатите езера; театрите, галериите и музеите.

Одлична репортажа има напишано за бувљак каде ќе одбере - електричарски алат, затоа што во моментот ѝ се укажал нејзиниот дедо („каде и да одеше, купуваше само алати“).

Ѝ се восхитува на чистотата („ѓубрето е спакувано како да е свадбен дар“), а ја навредува опомената ПРИВАТ на секој чекор. „Никој не се наведува да крене падната круша или јаболко, толку се почитува приват...Душа ме болеше кога минував крај овошки кои наскоро ќе бидат скапани...Каде си, моја луда татковино, зажалив со тага, каде минувачот не само што го крева плодот од тревата, туку го позема и од гранка...“.

Од излозите а не од нивните куќи таа дознавала што јадат, како се облекуваат Швајцарците, со што ги забавуваат своите деца и како ги воспитуваат. Ако нејзините дома се гордеат со гостопримство, Швајцарците се гордеат со тоа што „Џојс го сакал циришкото црно вино, Гете пределите, Ленин добро уредената Централна библиотека, Бенедето Кроче приемчивоста, Пол Валери слободата на разговорот, Вагнер симпатичната госпоѓа Везендонк“. На изложба на лажици од африкански земји уште еднаш ќе се врати во татковината, на косење, каде „чорбата се срка со дрвени лажици со изрезбани дршки“.

На грбот на градот Берн има мечка (beren). Таму има и дрво на кои се искачуваат мечките, да потсетат на потеклото на името. Но кога Десанка била таму, мечките биле - босански! 

Поетесата страсно ги опишува сите детали и дразби на новата околина. Во едно интервју изјавила: „Патувањето за мене е празник. Сум била на сите континенти освен во Африка, а и таму ќе одам ако стигнам. Макар со птиците преселници“. 

извор

1 јуни 2023 - 08:00