Првиот, и најбаналниот преведувачки грев, се состои од очигледни грешки кои се должат на незнаење или избрзаност. Ова е според Набоков обична човечка слабост, и оттаму може да се оправда.
Вториот чекор кон преведувачкиот Пекол го прави оној преведувач кој намерно прескокнува зборови или цели пасуси, за да не мора да се мачи да ги разбере, или заради тоа што тие се опскурни за читателите со недоволна имагинација. Овој преведувач е исто толку подготвен да знае помалку од авторот, колку што мисли дека ги разбира нештата подобро од него.
Третиот и најлош степен на бесрамност се постигнува кога некое ремек-дело преведувачки се моделира така за тоа да одговара на сфаќањата и предрасудите на одредена публика. Ова е криминал, кој според Набоков мора да се казнува.
Следи поделба на секој степен на подкатегории. На пример оние незнајковците од првата категорија можат да бидат поделени на две групи: првата прави грешки заради недоволно познавање на странскиот јазик и туѓиот културен контекст. Така, во германско издание на Чехов, некој учител по влегувањето во училницата почнува да го чита неговиот „весник", што поттикнало некој критичар да заклучи во колку жална состојба биле јавните институции во пред-советска Русија. Всушност Чехов едноставно мислел на училишниот „дневник", кој наставникот морал да го отвори за да ги провери присутните и да го заведе часот. Уште полошо е кога „јавна институција" (public house) на англиски, на руски станува „бордел". Но ова и не е смртен преведувачки грев, бидејќи реченицата се уште може да има смисла, плус грешката не е намерна.
Втората подгрупа прави малку пософистицирани грешки, предизвикани од „напад на лингвистички далтонизам". Тука спаѓа преведувањето метафори, за кое треба посебно да се внимава да не бидат „бодени" од прва рака. Ако се спомнува „срп" дали се мисли на месечевиот срп или српот на смртта? Ова може да влијае врз доживувањето и толкувањето на одредено дело, и во случај на површност и непромисленост да се пропуштат некои значајни пораки, или пак тие да се „пренапумпаат“, на пример ако авторот воопшто не мислел ни на месечни ни на смрт, туку просто на срп како земјоделска алатка.
Вториот степен на преведувачко зло, изоставањето тешки пасуси можеме да се разбере, и да се оправда во смисла на тоа дека е подобро нешто да прескокнеш отколку погрешно да го преведеш. Но кога знаеш како да го преведеш, а го прескокнуваш од сосема други мотиви - затоа што се секираш како ќе реагира „малиот читател" доколку наиде на нешто опасно и нечисто, е тоа е веќе кардинална навреда и на едно дело, и на неговиот автор. Набоков како најшармантен пример за викторијанска смерност наведува некој англиски превод на „Ана Каренина", каде кога Вронски ја прашува Ана што е работата, таа вели „Јас сум beremenna", што кај странскиот читател создава чувство дека таа боледува од некоја страшна ориентална болест. Преведувачот го оставил рускиот збор за бремена едноставно затоа што се срамел да го преведе со pregnant, што можело да шокира некоја чиста читателска душа.
Целиот текст со интересни примери на Набоков тука